Изградбата на брза пруга на коридор 10, зелени коридори на граничните премини, регионална соработка, поефикасен транспорт на стока и патници, се дел од темите на кои заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, денеска ги отвори на две одвоени средби со министерот за инфраструктура и транспорт на Грција, Христос Димас, како и со алтернативниот министер за инфраструктура и член на Парламентот, Константинос Киранакис.

Во рамки на меѓусебната соработка, унапредувањето на патниот и железничкиот транспорт се областите каде двете земји имаат заеднички интерес во насока на регионален развој, беше потврдено на средбите.

Заменик претседателот на Владата, Николоски ги потенцираше приоритетните проекти на Владата во делот во инфраструктурата со посебен фокус на брзата пруга на коридор 10, проект кој треба да овозможи силен инпут во економскиот развој на регионот.

Меѓу другото, на средбите се разговараше и за модернизација на граничните премини преку создавање на зелени ленти се со цел да се овоможи побрз и поефикасен транспорт. Изразија задоволство од одлуката на двете земји за изградбата на граничниот премин Маркова нога како предуслов за зголемување на прекуграничната соработка и подобра комуникација на граѓаните.

Исто така се отворија и прашањата за можноста на воспоставување на железнички лиини меѓу двете земји како и зголемување на соработката во авио секторот преку воведување на нови авиолинии.

На средбите беше потенцирана регионалата соработка и се нагласи можноста за зголемување на економската и трговска соработка преку реализација на заеднички проекти.

Претходно, заменик претседателот на Владата, Николоски оствари средба и со вицепремиерот во Владата, Костис Казидакис.

Средбите на заменик претседателот на Владата, Николоски се дел од дводневната работна посета на Грција.