Обезбедена е нова проектна документација и објавена е нова јавна набавка за реконструкција на Универзална сала, соопшти министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Информацијата беше изнесена во контекст на осврт на капиталните проекти реализирани во изминатата година, при што министерот ја нагласи Универзална сала како еден од клучните објекти во фокусот на Министерството.

Набројувајќи ги позначајните активности, Љутков ги посочи Турскиот театар, Универзална сала, театарот во Струмица, театарот во Куманово и киното „Партизан“ во Битола.

„Обезбедена е нова документација и објавена е нова јавна набавка за реконструкција на Универзална сала; продолжи изградбата на Турскиот театар; деблокирана е изградбата на стариот театар во Струмица; а продолжуваме и со реконструкцијата на театрите во Куманово и во Битола, киното ‘Партизан’ во Битола се прави со забрзана динамика, завршена е првата фаза од санацијата на покривот на НУБ ‘Свети Климент Охридски’, додека санацијата на прокиснатите делови во НУ Македонски народен театар се одвива со засилена динамика“, изјави министерот Љутков.

Со ова, Министерството за култура и туризам, според неговите зборови, продолжува со реализација на започнатите капитални проекти во областа на културата.