Собранието ги разреши осумте министри опфатени со реконструкцијата на владиниот кабинет, чии позиции треба да ги преземат кадрите предложени од премиерот Христијан Мицкоски по разговорите со коалициските партнери ЗНАМ и Влен.

Разрешувањето на министрите за правда, односи меѓу заедниците, земјоделство, здравство, социјална политика, локална самоуправа, култура и туризам, како и на еден министер без ресор, беше прва точка на дневниот ред на 112. собраниска седница.

Мицкоски за реконструкцијата на Владата: Не го негираме сработеното, сакаме да изградиме уште повеќе

Разрешени осуммина членови на владиниот кабинет

Игор Филков беше разрешен од функцијата министер за правда со 83 гласа „за“, без гласови „против“ и без воздржани пратеници.

За разрешувањето на Иван Стоилковиќ од функцијата министер за односи меѓу заедниците гласаа 95 пратеници, додека Цветан Трипуновски беше разрешен од Министерството за земјоделство со 92 гласа „за“.

Разрешувањето на Азир Алиу од функцијата министер за здравство го поддржаа 80 пратеници, тројца гласаа „против“, а тројца беа воздржани.

Фатмир Лимани беше разрешен од Министерството за социјална политика со 85 гласа „за“ и еден глас „против“. За разрешувањето на Златко Перински гласаа 87 пратеници, за Зоран Љутков 91, додека Шабан Салиу беше разрешен од функцијата министер без ресор со 85 гласа „за“.

Стоилковиќ се враќа со ново министерско портфолио

Од разрешените министри само Иван Стоилковиќ треба да се врати во Владата, но на друга позиција. Тој од Министерството за односи меѓу заедниците треба да премине на чело на Министерството за локална самоуправа.

Златко Перински, кој беше разрешен од ресорот локална самоуправа, треба да стане директор на Фондот за здравствено осигурување.

Досегашниот директор на Фондот, Сашо Клековски, е предложен за нов министер за здравство, на местото на разрешениот Азир Алиу.

Разрешени и двајца заменик-министри

Собранието ги разреши и заменик-министрите Ѓоко Велковски и Седат Сулејмани.

Со владината реконструкција, Велковски треба да го преземе Министерството за социјална политика, демографија и млади, додека Сулејмани е предложен да раководи со Министерството за култура и туризам.

Образложувајќи ги предлозите, премиерот Мицкоски изјави дека разрешените министри чесно, професионално и одговорно ги извршувале своите должности и дека зад себе оставиле конкретни резултати.

Пратениците од опозицијата, пак, побараа објаснување зошто министрите се разрешуваат доколку, како што наведе премиерот, успешно и одговорно ја извршувале својата работа.