Досега рекордот беше од 8 јануари со 68.053 случаи на дневно ниво, јави Би-би-си.
Британија неодамна воведе задолжителни маски во повеќето затворени простории и ковид-сертификати за големи настани во Англија за да се намали ширењето на омикрон-варијантата.
Британскиот премиер Борис Џонсон одржа вонредна прес-конференција. Заедно со Џонсон беа и шефот на англиското јавно здравство, Крис Вити, и Ники Канани, директорка за примарна грижа при Националната здравствена служба.
Џонсон пред прес-конференцијата изјави дека не исклучува воведување нови мерки.
Почна со повик за засилена вакцинација со бустер-доза бидејќи, како што рече, омикрон продолжува да се шири во целата земја.
„Секој возрасен во Англија од денес може да се вакцинира со бустер-доза. Апсолутно е важно луѓето сега да се вакцинираат со бустер-доза бидејќи Британија бележи рекорден број нови случаи“, рече тој.
Вити преку презентации и графикони ја покажа тековната состојба со пандемијата. Рече дека Британија има многу голем пораст на случаи и дека во наредните недели ќе има нови рекорди во бројките на новозаразени.
Рече и дека инфекциите со делта и омикрон предизвикуваат две засебни епидемии посочувајќи дека бројот на смртни случаи благо се намалува, но дека тоа не се однесува на омикрон-варијантата, која штотуку пристигна во Британија.
„Вакцините обезбедуваат огромна заштита од делта-варијантата, но тие се помалку усогласени со омикрон“, рече Вити додавајќи дека на нивно усогласување се работи со забрзано темпо.