Рекорден број учесници на 11. издание на Дедомразовската трка во Скопје

На Плоштад Македонија денеска се одржа 11. издание на Coca‑Cola Дедомразовска трка 2025, традиционалната новогодишна улична трка која уште еднаш го обоја центарот на Скопје во црвено, исполнето со дедомразовски костими и празнично расположение.

Над 800 учесници од целата земја

Годинава трката забележа рекордно учество со повеќе од 800 натпреварувачи од сите делови на Македонија. Највозрасниот учесник имал 73 години, додека најмладите биле бебиња помлади од една година, кои заедно со своите родители ја почувствувале веселата новогодишна атмосфера.

Кратка патека, многу насмевки

Стартот и целта традиционално беа поставени на Плоштад Македонија, а патеката долга околу два километри се протегаше низ централното градско подрачје. На трката учествуваа професионалци и рекреативци, но и бројни граѓани кои настанот го доживеаја како празнична прошетка. Дедомразовската трка и годинава го задржа својот препознатлив дух – пријателско темпо, многу насмевки, фотографии и поддршка за сите учесници.