Рекорден интерес за професионални војници бележи Армијата, при што актуелната генерација брои 296 лица, најмногу досега, оцени министерот за одбрана Владо Мисајловски при денешната посета на касарната во Велес, каде што присуствуваше на свечената заклетва на професионалните војници.
Мисајловски најави дека во текот на годинава ќе бидат примени уште 300 професионални војници, потенцирајќи дека модернизацијата, новата опрема и обуките имаат директно влијание врз зголемениот интерес кај младите.
– Oбуката, новата опрема, модернизацијата, сето тоа влијае младите луѓе да ја почитуваат Армијата, се разбира и Министерството, кои се најпочитувани институции во државата. Тоа е поради луѓето што се внатре, што поминале многу години, луѓето што се зад мене, кои поминале многу курсеви, што поминале многу во својата кариера и овие млади луѓе имаат од кого многу да научат – потенцира министерот Мисајловски.
Тој ги охрабри младите да се пријават на новиот конкурс за професионални војници, кој ќе биде објавен во текот на годинава.
Одговарајќи на новинарско прашање за буџетот, министерот појасни дека средствата за новите 300 вработувања веќе се пресметани.
– Знаете и, впрочем, тоа е обврска во НАТО да се зголемува буџетот. Но ние веќе минатата година ги пресметавме овие нови 300 вработувања во буџетот. Така што, средства ќе има, не само како сума на пари, се разбира, туку и сè она што е потребно од опрема итн. И со тек на годините треба да расте буџетот, но кога ќе расте буџетот, се разбира, треба да гледаме и повеќе кадар да влезе во Министерството, нови војници, нова опрема, нова модернизација. Тоа ние ќе го правиме во текот на годините и да ги подобруваме сите услови не само на професионалните војници туку и на сите вработени што ги има и во Министерството и во Армијата – појасни Мисајловски.
Министерот најави и иницијатива за решавање на статусот на професионалните војници по навршување на 45 години, која ја нарече историски чекор.
– Вчера, Синдикатот се обиде да каже дека е нивна идеја. Не, тоа доаѓа од Армијата, од раководството од авторитети заедно со луѓето, но ќе седнеме со синдикатот да направиме одлично решение каде што ќе направиме историски чекор како да помогнеме секој да се чувствува убаво и после 45 години – потенцира Мисајловски.
РЕКОРДЕН ИНТЕРЕС ЗА ПРОФЕСИОНАЛНИ ВОЈНИЦИ
Во однос на платите, Мисајловски истакна дека примањата на професионалните војници се историски највисоки.
– Иако имале право, да земаат и морале да земаат додатоци по се’ она што следува, земале само плата. Сега со сите додатоци што се исплаќаат платата е скоро двојно. Некој може да ги земе по сите основи, некој помалку, но историски најголеми примања во независноста на државата – изјави министерот.
Тој додаде дека од минатата година платите на сите вработени во Министерството се зголемени за 30 проценти, оценувајќи дека обидите ова прашање да се политизира се неосновани.
– Но, некои политички партии би рекол некои поединци од одреден синдикатот сакаат тоа да го искористат за политички поени.Тоа е многу симптоматично како во еден ден тоа се случи, прес, поддршка, итн. Но една добра реченица имаше од тој прес, дека треба дијалог. Ние сме тука за дијалог, но кога имаме дијалог,тие тоа не бараат, туку нешто друго бараат – потенцира Мисајловски.
Говорејќи за можноста за повторно воведување задолжителен воен рок, министерот рече дека лично го поддржува тој концепт, но дека моментално не е проект кој би се реализирал веднаш.
– Прво финансите, второ капацитетите што треба да се доизградат дообноват. Низ годините наназад се дадоа многу касарни на општините, тие се пренаменија во различни објекти итн. Но, точно е, многу земји тоа го прават во овој период гледаат да направат обуки, многу поразлично од минатото… Добро е за размислување како тема, но овој момент не е тоа како проект што сега би го направиле – рече Мисајловски.
На прашањето за инвестициите во 2026 година во велешката касарна и останатите армиски капацитети, тој најави нови инфраструктурни проекти, нови капацитети на Криволак и набавка на нова униформа и балистичка опрема.
– Историски најмногу ќе се троши во овој период и во следните години, за тоа ќе бидете сведоци – најави министерот за одбрана Владо Мисајловски.
