Во истиот извештаен период, уште 1.630 лица, од 11 илјади извршени тестирања, резултирале позитивни на коронавирусот, додека како излекувани се евидентирани нешто повеќе од 800 пациенти.
Според официјалните статистики на Министерството за здравство на Косово, во земјата моментно има 26.575 активни заразени од Ковид-19. Од почетокот на пандемијата вирусот е откриен кај повеќе од 140 илјади лица, од кои, вклучително денешните случаи, умреле 2.457 заболени.
Поради енормниот пораст на бројот на починати и новозаразени од Ковид-19 во последно време, косовскиот премиер Албин Курти денеска го откажа учеството на Европскиот форум Алпбах 2021 во Австрија и свика итна седница на Советот за национална безбедност на Косово.
Веста ја објави премиерскиот кабинет, кој соопшти дека седницата е свикана за попладнево, а точното време на нејзиното одржување ќе биде објавено дополнително.
Косовската влада вчера донесе одлука, кој стапува во сила утре, 30 август, за заострување на мерките за спречување на ширењето на пандемијата, со кои, меѓу другото, по подолго време се воведува полициски час, односно забрана за движење на граѓаните од 22 до пет часот наутро.
Исто така се скратува работното време на угостителските објекти, кои наместо до 22.30, во наредниот период ќе можат да работат до 21 часот и 30 минути, и тоа само на терасите и со користење на 70 отсто од капацитетите.
Кабинетот на Курти вчера одлучи и да го одложи почетокот на учебната година за основците и средношколците до 13 септември, а до наредната одлука на Владата остануваат во сила забраните за организирање свадби и други семејни веселби, како и ученички и студентски екскурзии и матурски вечери.
При влез во Косово потребно е да се приложи сертификат за вакцинација со една или две дози, негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа, или серолошки тест не постар од 30 дена. Лицата кои не поседуваат еден од тие документи треба под заклетва да потпишат изјава за седумдневна самоизолација, или за напуштање на земјата во рок од три часа.