Италија, од север до југ, доживува топлотен бран со историски високи температурни рекорди кои се очекуваат денеска и во наредните денови. Денеска е прогласен црвен аларм за 16 градови низ земјата, а температурите се очекува да достигнат 36/37°C од Рим до Болоња уште пред врвот на топлотниот бран на почетокот на следната недела.
Италијанската влада ги советуваше сите во областите со црвена тревога да избегнуваат да бидат на отворено во средината на денот и да водат посебна грижа за старите и ранливите.
Според весникот „Ил Месаџеро“, двајца фудбалери аматери, на возраст од 48 и 51 година, починале во петокот навечер откако им се слошило поради жештините, за време на натпревари на југот на земјата.
Италијанскиот метеоролошки институт стравува од „најинтензивниот топлотен бран на летото, но и еден од најинтензивните на сите времиња“.
Ниту северот од полуостровот нема да биде поштеден, а во вторник во Милано се очекуваат 38 степени Целзиусови.
Во Германија највисоки температури се измерени во саботата во баварскиот град Мерендорф-Клајнзебах (38,8 степени). Покрај тоа, во Берлин се забележани 35°C, а во Минхен 34°C, јави ДПА. Во Франција, министерот за земјоделство, Марк Фесно, вчера беше жестоко критикуван, бидејќи увери дека температурите се „прилично нормални за лето“.
Реагираа влијателни личности, како експертот за агроклиматологија Серж Зака. „Кога нашите политичари ќе ги разберат и прифатат предизвиците на климатските промени?“, се пожали тој на Твитер.
Јуни беше вториот најтопол месец од почетокот на мерењата во Франција, каде што неколку департмани беа ставени под портокалова тревога поради топлотен бран.
И Грција е погодена од топлотен бран, кој ги принуди властите да го затворат Акропол во Атина во најтоплите часови во неделата трет ден по ред, кога температурите во земјата достигнаа над 41 Целзиусови степени.
Во саботата температурите надминаа 40 степени Целзиусови на 87 мерни станици, јавија грчките медиуми.
Екипите на Црвениот крст, распоредени во подножјето на Акропол за да им помогнат на туристите, интервенираа „десетици пати“ за да ги спасат посетителите во последните неколку денови.
Нов топлотен бран се очекува во Шпанија меѓу понеделник и среда, по викендов кога температурите надминаа 40 степени Целзиусови во Андалузија на југот на земјата, како и на Канарските Острови. „Новиот бран ќе биде краток, но интензивен: ќе биде над 42 степени“, напиша Метеоролошката агенција (Аемет) на Твитер.
Зафатена е и Северна Африка. Во Мароко до вторник се предвидува нов топлотен бран, а температурите ќе се движат меѓу 37 и 47°C во неколку провинции, соопшти Генералниот директорат за метеорологија (ДГМ).
Во Азија, неколку провинции во јужна и југоисточна Кина ќе имаат високи температури за време на викендот, кои ќе достигнат од 35 до 40 Целзиусови степени, соопшти Централната метеоролошка опсерваторија. На некои места на северозапад, во некои градови температурата би можела да надмине 40°С.
Во Јапонија властите го повикаа населението да биде внимателно бидејќи се очекува температурите да достигнат до 39°C во недела и понеделник на истокот од земјата.
На другата страна на светот, јужниот дел на САД има невидени жештини: десетици милиони Американци, од Калифорнија до Тексас, трпат опасно високи температури кои се очекува да го достигнат својот врв во текот на викендот.
Во Феникс, метрополата Аризона на југозападот на САД, во саботата се забележани речиси 44°C, а метеоролозите очекуваат живата да достигне 46°C. Во долината на смртта во Калифорнија, едно од најжешките места на Земјата, денескла се очекуваат нови високи температури, веројатно и до 54°C, по високите 48°C напладне во саботата.
На југот на земјата американските пожарникари од петокот се борат со неколку многу жестоки пожари кои опустошија повеќе од 1.214 хектари и доведоа до евакуација на населението.
Во Јордан, погоден од топлотен бран кој во некои региони надмина 40 степени Целзиусови, службите за итни случаи се борат со шумските пожари.
На глобално ниво, месец јуни бил најтопол измерен, според европскиот Коперникус и американските агенции НАСА и НОАА. Тогаш првата цела недела од јули беше најтоплата досега забележана, според прелиминарните податоци на Светската метеоролошка организација (СМО).
Емисиите на стакленички гасови ја зголемуваат јачината, времетраењето и зачестеноста на топлотните бранови, велат експертите. Жештините се еден од најсмртоносните временски настани, соопшти СМО.
Минатото лето високите температури предизвикаа повеќе од 60.000 смртни случаи само во Европа, според една неодамнешна студија. Јужна Европа ќе продолжи да се поти следната недела бидејќи силниот топлотен бран не покажува знаци на намалување, јави денеска Би-Би-Си.
„Температурите ќе го достигнат врвот помеѓу 19 и 23 јули – не само во Италија, туку и во Грција, Турција и на Балканот. Неколку локални рекорди за топлина во тие области може да бидат урнати во текот на тие денови“, рече италијанскиот метеоролог и експерт за клима, Џулио Бети за Би-Би-Си.
Европски топлотен бран ќе се прошири на Балканот подоцна следната недела.
Периодите на интензивни горештини поради глобалното затоплување стануваат се почести, поинтензивни и подолги. „Топлинските бранови се зголемуваат секоја година по број и по интензитет… и тие се меѓу најопипливите, евидентни, документирани и јасно видливи знаци на климатските промени“, рече Бети.
„Европските лета станаа многу, многу пожешки во последниве години… Она што треба да не загрижува е дека лета без интензивни и продолжени топлотни бранови едноставно повеќе не постојат. „Нормалните“ лета станаа реткост.