Делегација на Универзитетот за туризам и менаџмент денеска учествуваше на пригодната свеченост организирана од Универзитетот за телекомуникации и пошти од Софија, Бугарија, по повод започнувањето на академската 2022/2023 година и дипломирањето на Класот 2022. На проф. д-р Аце Миленковски, ректорот на Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје, му беше доделена плакета во знак на благодарност за воспоставената соработка меѓу двата универзитета. На свеченоста на оваа реномирана високообразовна установа, почесен гостин беше и претседателот на Бугарија, г-н Румен Радев.
Формиран во 1881 година како поштенско училиште со декрет на кнезот Александар I, претходникот на денешниот Универзитет за телекомуникации и пошти од Софија, беше најава за клучната улога што ќе ја играат комуникациите во следниот век. По 141 година од неговото формирање, историјата потврди дека комуникациите се основата за каков било индустриски развој.
Секогаш во чекор со последните трендови и потреби на општеството, Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, високообразовна институција што е веќе 17 години посветен на знаењето, ги интегрираше информатичките науки во студиите што ги нуди со формирањето на Факултетот за информатика.
Денеска Универзитетот за телекомуникации и пошти од Софија е фокусиран на образувањето високостручни инженери и менаџери во секторот на телекомуникациите и на високата технологија. Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје е насочен кон создавањето туристички работници, економисти и финансиски експерти, менаџери на човечки ресурси и софтверски инженери. Заемно препознавајќи ја клучната улогата на комуникациите и на технологијата во секој сектор од денешното општество, годинава на 8 јуни, двата универзитета потпишаа Меморандум за соработка обврзувајќи се да работат на воспоставувањето и на изведувањето заеднички магистерски, докторски и хибридни студии во областа на информатичките науки.