Националниот парк Галичица информира дека во репродуктивниот центар за елени од 2019 година кога имало околу 30 единки, денес популацијата е зголемена на над 200 елени

 

Националниот парк Галичица информира дека во репродуктивниот центар за елени од 2019 година кога имало околу 30 единки, денес популацијата е зголемена на над 200 елени.

Видеото со елените што го објави Паркот пред неколку дена предизвика голем интерес во јавноста и отвори многу прашања во врска со грижата, исхраната и безбедноста од ловџии.

Како одговор на прашањата, Паркот денеска објави фотографии од репродуктивниот центар и од секојдневната грижа што се вложува во него.

„Нашиот посветен ренџер Лазе, заедно со неговите помошници Јане и Кире, секојдневно се на терен – обезбедуваат храна и вода, вршат редовни контроли и се грижат за безбедноста и благосостојбата на елените, велат од Паркот Галичица.

Покрај постојаното присуство на ренџерската служба, центарот е опремен и со видео-надзор камери, кои овозможуваат дополнителна, непосредна заштита и навремена реакција.

Репродуктивниот центар е отворен во 2019 година со цел активно управување со високопланинските пасишта, заштита и обновување на популацијата на елени и долгорочно зачувување на биолошката разновидност во паркот.