Кандидатката за градоначалник на Скопје, Каја Шукова го сподели своето мислење за Вардариште и големиот еколошки проблем што произлегува од него.
По Генералниот урбанистички план, Вардариште е предвидено како претоварна станица за отпадот. Шефицата на скопската хигиена, Шукова, порача дека не е можно сегашната станица да се претвори во спортско-рекреативен центар без претходно да се понуди нова локација, бидејќи градот мора да има претоварен систем.
„Ако кажете дека претоварната станица на Вардариште ќе ја правите во спортски рекреативен центар е илузија – мора да понудите нова локација како претоварна станица. Јас размислувам поинаку. Вардариште зафаќа само одреден дел од капацитетот според Генералниот урбанистички план. Вардариште зафаќа неколку хектари и има уште слободни хектари што може да се користат како претоварна станица,“ рече Шукова.
Таа најави дека Вардариште „на ништо не личи и не исполнува критериуми“, ќе се затвори, а паралелно на истиот простор ќе се отвори нова станица според европски стандарди. „Треба време за ова, треба проект за санација, таму има метан, може да дојде до експлозија. Во меѓувреме мора контрола, оградување и затворање за да нема пристап,“ објасни таа.
Шукова укажа дека има разлика во механизацијата, бидејќи дел од камионите собираат отпад од контејнери до претоварна станица, а поголемите го носат од претоварната станица до Дрисла. „Мора нов систем за градот. Не може сите возила да возат директно до Дрисла. Мора претоварна станица, а тоа сега е Вардариште. Но мора да имаме мерки за заштита, оградување и редари од 24 часа,“ изјави таа.
Дополнителен проблем е што на левиот брег на Вардар каде што се наоѓа дел од Вардариште поминува колекторскиот систем поврзан со прочистителната станица.
„Моментално сме во арбитражна постапка со фирмата што го градеше. До крај на постапката, не смее да чепнеме ништо таму, освен оградување и редари. Таму најчесто се палат кабли за бакарни жици, се вади бакарот и е ужас како мириса,“ предупреди Шукова.