Невакцинираните, со одлука на Владата, отсега можат да пристапат само до продавниците за храна и дрогериите, а пред Божик тоа е значаен удар за стопанството. Во оваа насока, Австриската стопанска комора бара од властите да ги продолжат мерките за помош.
-Сега треба да ги прошириме мерките за економска помош за особено погодените индустрии и брзо да ги спроведеме долго бараните позитивни стимулации за вакцинација, рече претседателот на Комората, Харалд Марер.
Претставникот на трговците Рајнер Трефелик посочува дека со оваа мерка околу 35 отсто од потенцијалните клиенти ќе бидат спречени да купуваат. – Особено фирмите кои зависат од манифестациите лани имаа огромен пад на прометот и до 50 отсто, додаде тој.
Слично е, вели, и со трговците во центарот на градот, туристичките центри и за продавачите по маркетите. Трговците стравуваат дека предбожиќното купување може целосно да пропадне, бидејќи се ближи периодот кога Австријците купуваат подароци, а една третина од населението нема да може да го прави тоа, освен преку интернет.