Бројот на повредени во сообраќајни несреќи е намален за 20 отсто, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, изнесувајќи ги досегашните резултати од проектот „Безбеден град“ на денешната седница за пратенички прашања, оценувајќи дека ефектите од неговата имплементација се многу позитивни.

Тошковски истакна дека намалувањето се забележува преку податоците од Клиниката за трауматологија, каде што во споредба со претходниот временски период има помал број тешки случаи и пациенти задржани на понатамошно лекување.

Резултатите од проектот „Безбеден град“

  • – Резултатите од проектот „Безбеден град“ коишто досега се увидени и тоа како се позитивни. Јас би сакал од оваа говорница да упатам огромна благодарност до македонските граѓани заради тоа што тие се тие кои спасија човечки животи во изминатиов период имајќи го предвид намалувањето на бројките што како тешки случаи се пристигнати во рамки на Клиничкиот центар во Клиниката за трауматологија од аспект на задржани тешки пациенти на понатамошно лекување, согласно информациите што ги имам добиено за овој временски период во споредба со претходниот временски период. За околу 20 проценти е намален вкупниот број на третирани пациенти во рамки на оваа клиника, што е и тоа како е многу добар предзнак за резултатот којшто треба да го даде имплементирањето на овој проект, рече Тошковски.

Според министерот, ваквиот исход е резултат на однесувањето на учесниците во сообраќајот, особено на возачите на моторни возила. Тој нагласи дека и покрај тоа што во овој период не се изрекуваат казни, туку само опомени без ефективна реализација, граѓаните го забавиле управувањето со возилата.

Тошковски посочи дека токму ваквото однесување довело до резултат којшто, како што рече, „на крајот го гледаме како намалување на пациенти на Клиника за трауматологија“, додавајќи дека тоа е заслуга на македонските граѓани.

– Покажавме дека како нација сме спремни да одговориме на ваков тип на предизвици и притоа да имплементираме вистина еден европски проект којшто слободно да констатирам го има скоро во секоја земја – членка на ЕУ, а се со цел да ја заштитиме безбедноста на нашите граѓани и се со цел да имаме колку што е можно помалку жртви на сообраќајни незгоди, рече Тошковски на седницата за пратенички прашања.

Меѓу позитивните резултати од проектот „Безбеден град“, според министерот, се и трошоците што произлегуваат од сообраќајните незгоди, кои би можеле значително да се намалат.

– Зошто. Заради тоа што трошоците што ги чинат македонските граѓани имајќи ги предвид сите оние трошоци што произлегуваат од сторени сообраќајни незгоди согласно една експертиза на стручњаци која што јас имав прилика да ја видам изминатиов период се во 2023 година, биле некаде околу 400 милиони евра. Тоа е една средна анализа на земени трошоци согласно две методологии коишто се применети. Во едната методологија анализата е мислам дека некаде околу 450 милиони евра, во 2023 во другата негде отприлика 380 средна вредност негде околу 410 милиони евра трошоци настанати како последица на сообраќајни незгоди во 2023 година во Македонија, рече Тошковски.

Тој оцени дека станува збор за катастрофално висока сума која македонските граѓани ја издвојуваат за покривање на трошоците што произлегуваат од непочитување на сообраќајните правила.

Ширење на проектот

Министерот нагласи дека имплементацијата на проектот има особено значење во Скопје, како најголем град во државата, потсетувајќи дека според плановите на претходната Влада, во првата фаза било предвидено проектот да се спроведе во Скопје, Куманово и Тетово, но тие планови не биле реализирани.

– Имплементацијата на овој проект е особено значајна во најголемиот град, значи во Скопје и согласно претходните планови на претходната Влада која што ги имала, за жал, не ги имплементирала, но и тогаш било планирано овој проект да се имплементира Скопје – Куманово и Тетово, во прва фаза. Ние ги додадовме во изминатиов период заклучно со 1 февруари 2026 година како црни точки што сметавме дека мора да бидат вклучени и Коридор 8 и Коридор 10. Од 1 февруари се очекува да стапиме во практична примена на овој паметен систем освен во главниот град, во Куманово и Тетово како градови што се одбрани од претходно за прва фаза на имплементација и Коридор 8 и Коридор 10, рече Тошковски.

Според најавите, до средината на 2026 година системот „Безбеден град“ треба да биде ставен во функција во сите градови во државата.