Ракометната федерација на Македонија (РФМ) поднесе дисциплинска постапка против двата клуба, актери во хаотичното дерби од плеј-офот во неделата. Постапка е поведена и против домаќинот Вардар 1961 и против гостинот Еурофарм Пелистер..Двата клуба имаат седум дена писмено да се произнесат, па дури потоа Дисциплинската комисија при Ракометната федерација на Македонија ќе пресече.
Во текот на вчерашниот ден Еурофарм Пелистер јавно го објави својот став по заклучувањето на записникот и наведе многу новини, недостапни за јавноста. Вардар 1961 молчи и не откри што напиша во своето дополнување на официјалниот протокол кој го натпреварот го впишаа делегатите.
Битолскиот клуб доставил видеа и фотографии, на кои базира голем дел од својот напад за организациони пропусти, а откриени се и нови детали, меѓу кои највпечатлив е делот во кој тврдат дека дошло во физички контакт меѓу навивачите кои влетаа на терен и службено лице.
Седум дена ќе работат клупските адвокати за да ги подготват нападот и одбраната за двата клуба, кои сигурно ќе донесат санкции и за скопјани и за битолчани. Разликата во казните ќе биде одлучена врз основа на кои членови од ракометните акти ќе се „вагаат“ гревовите на двата клуба. Клучниот член е членот 19, за кој теоретски може да одговараат и двата клуба.
Во овој член се вели: Одземање на бодови може да се изрече на клуб за сторени престапи во врска со натпреварувањето, ако тие се од големо значење или ако настапиле потешки последици по регуларноста на натпреварувањето или ако тоа е предвидено со друг акт на федерацијата.
Теоретски гледано двата клуба ризикуваат секако вид на казна, со далеку поголема одговорност на домаќинот и организатор на натпреварот, Вардар 1961. Веќе еднаш Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер платија обострани парични казни по финалниот натпревар од Купот на Македонија во Кавадарци во мај минатата година.
Низ историјата немало иденатичен случај како овој, па загоа дисциплинската комисија ќе има тешка задача за дефинитивните санкции. Во минатото биле драконски санкционирани клубови со одговорност за инциденти, па дури и со одземање на бодови. Сепак, тоа најчесто биле натпреварите кои не го дочекале својот крај или имало физички напад врз судии. Ваков случај, со толку дебело досие на официјалниот записник немало во мак-ракометот.
Одлуката на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) нема да биде брза, па најран термин за објавување на казната е следниот петок, ако не и по десетина дена. Тоа остава дамка на натпреварувањето, бидејќи веќе ќе минат три кола по спорниот натпревар.