Жена обвинета за обид за убиство по нападот во Беверли Хилс

Поп-ѕвездата и бизнисменка Ријана го напушти Лос Анџелес со приватен авион, откако жена беше обвинета за обид за убиство по пукањето кон нејзината вила во Беверли Хилс. Според снимки што се појавија во јавноста, пејачката со придружба пристигнала со автомобил до приватниот дел на аеродромот Ван Најс, по што се качила во мал приватен авион и заминала од градот.

Претходно, полицијата го обезбедувала просторот околу нејзината резиденција во Беверли Хилс, додека од куќата биле изнесувани куфери и други лични предмети.

Десет куршуми испукани кон куќата

Инцидентот се случил во неделата, кога според аудио снимка од службата за итни случаи кон куќата биле испукани десет куршуми. Во моментот на пукањето, според информациите, Ријана се наоѓала во домот.

Осомничената е идентификувана како Ивана Ортиз (35) од Флорида и е уапсена под обвинение за обид за убиство. Таа е задржана во притвор со кауција од 10,2 милиони долари.

Осомничената уапсена на паркинг во Шерман Оукс

Полицијата соопшти дека жената наводно пукала од бел автомобил „Тесла“. Подоцна била лоцирана на паркинг во Шерман Оукс, каде што полицијата ја пронашла со помош на полициски хеликоптер и ја привела.

Засега не е познато дали заминувањето на Ријана од Лос Анџелес е директно поврзано со инцидентот или станува збор за претходно планирано патување.