Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, на партиска трибина изјави дека Владата успеала да го стабилизира растот на цените. Според него, мерките на претходната власт предизвикале ценовни шокови. Замрзнувањето на цените, вели тој, било неуспешно. По нивното укинување, дојде до брзо и несразмерно поскапување.

  • „Со преземањето на власта, се соочивме со голем економски предизвик. Целта беше постепено да се смири тој ценовен бран и да се намали инфлацијата. На крајот од годината, инфлацијата беше 3,5%, една од најниските во последниот период.“ – изјави Ристески.

Според него, ова е значаен напредок, но Владата продолжува со нови политики за да го заштити животниот стандард на граѓаните.

„Есенската“ и „Училишната кошничка“ со позитивни резултати

Ристески ги истакна мерките кои Владата ги вовела за стабилизирање на цените.

  • „Со „Есенската кошничка“ се ограничи бруто профитната маржа, со цел да се спречат екстремните поскапувања. Потоа, „Училишната кошничка“ воведе ограничувања на оперативната профитна маржа, што доведе до значително намалување на инфлацијата на рекордни 2,2% во октомври.


Тој додаде дека Владата внимателно ги следи економските текови и работи со експерти за да не се повтори претходниот модел на државно мешање кое создаваше шокови во цените.

„Новогодишната кошничка“ – шанса за бизнис секторот

Ристески објасни дека новата иницијатива – „Новогодишната кошничка“ – произлегува директно од бизнис секторот.

  • „За оваа мерка, претходеа разговори со стопанските комори, синдикатите и организациите на потрошувачи. Таа е резултат на соработка со приватниот сектор и се фокусира на општествената одговорност на трговците.“


Според него, Владата сака да му даде шанса на пазарот да се стабилизира без непотребни интервенции, но доколку се забележат нефер практики, ќе следуваат санкции.

Цените и Законот за нефер трговски практики – Владата најавува строги контроли


Пратеникот Бојан Стојаноски го истакна значењето на Законот за нефер трговски практики, кој има за цел да спречи злоупотреби од страна на трговците.

  • „Во четвртокот беше потпишан меморандум со Државниот пазарен инспекторат за подобра координација со Комисијата за заштита на конкуренцијата. Истовремено, Министерството за финансии одобри доекипирање на институцијата со седум нови вработени, што ќе овозможи поефикасно санкционирање на прекршителите.“

Тој истакна дека Владата нема да толерира нечесни практики што го загрозуваат животниот стандард на граѓаните.

  • „Времето на злоупотреби заврши. Трговците, производителите и добавувачите мора да ја сфатат својата одговорност, бидејќи државата има механизми да ги спречи неправилностите. Во тек се ригорозни инспекции, а резултатите наскоро ќе бидат презентирани пред јавноста.“

Цените под надзор – Владата нема да дозволи ценовни злоупотреби

Стојаноски упати јасна порака дека Владата нема да дозволи дивеење на цените.

  • „Нема повеќе толеранција за оние кои се обидуваат да го искористат пазарот за лични интереси. Државата има алатки и ќе ги искористи. Ова не е битка што трговците ќе ја добијат – институциите стојат зад граѓаните.“