Пратеникот Петар Ристески на денешната собраниска седница зборуваше за тоа колку сите граѓани во државата не се сите исти и сето тоа благодарение на власта.
-Интересна ми беше тезата и која подолго време е наметнувана од апологетите на власта по медиумите и по социјалните мрежи дека сите се исти. Ајде преку пластични примери да видиме колку и дали сите се исти и кој за што се залагал и за што гласал и ќе гласа во овој период. Со какви тоа личности, функционери влегувате со коалиција почитувани колеги од Алијанса за Албанците, еве влегувате со генерални секретари на владата двајца на број кој беа фатени во криминал и сега се влечат по судови. Но, на прашањето од каде ги стекнал средствата еден од нив за да изгради толку луксузна хациенда и да вози скап џип од 100 илјади евра безобразно не сакаше ни да се скрие, ни да се правда пред народот, пред јавноста кажа дека парите ги добиле неговите деца за роденден. Јас би прашал овие дечиња на возраст од 1-2 година кои славеле роденден, гледам дека не сме сите исти бидејќи нашите деца на таа возраст проодуваат, прозборуваат, а овие домаќини на родителот инвестирале во хациенди, си купиле нов џип од 100.000 евра, епа воопшто не сме сите исти, рече пратеникот.
Ристески во текот на своето обраќање посочи дека за тоа дека сите граѓани не се исти покажува и фактот што сите министри во влада имаат регистрирани некакви фирми.
-Сите со ред, што треба да седат на оваа страна, министри во влада, сите имаат некакви фирми регистрирани кој за производство на марихуана, кој со трговија со струја, кој за фотоволтаици и слично. Синот на бившиот премиер на 18 години си отвара фирма за трговија со струја, кога сите други негови врсници размислуваат како да се запишат факултет, како да положат матура. Синот на претседателот на Собранието уште пред да ги заврши студиите си положил правосуден испит, воопшто не сме исти. Никој друг освен оние привилигираните, селектираните членови на ДУИ и на власта 449 кои положиле правосуден испит пред да завршат дипломски студии, кажа тој.
Ристески порача дека повеќе од очигледно е дека оваа власт продуцира само криминал и дека многу бргу ќе си оди и на крај ќе одговара.
-Ова е срамота, а не да ни зборувате преку вакви примери дека ќе бидете коалиција за во Европа, коалиција која ќе се справела со криминалот и корупцијата. Оваа власт продуцира криминал и затоа за брзо ќе си оди, ќе ги изгуби изборите, а потоа и ќе одговара, порача тој.