Ристески најави долгорочни мерки за стабилизирање на цените и заштита на животниот стандард на граѓаните.

Се подготвува нов сет на мерки кои ќе придонесат за долгорочна заштита на животниот стандард. Но и за одржување на инфлацијата на соодветно европско ниво. Во нивната изработка, покрај Министерството за економија и труд, се вклучени и сите релевантни институции. Како Министерството за земјоделство, Царинската управа, Министерството за финансии и Народната банка. Ова го најави заменик министерот за економија и труд, Маријан Ристески.

„Се прават големи анализи за заштита на животниот стандард, особено во делот на цените поврзани со исхраната. Врз основа на овие анализи очекуваме во иднина да се донесат поквалитетни и поодржливи мерки од Владата, бидејќи за долгорочни решенија е неопходна опсежна анализа која се изведува во моментов. Сакаме да направиме поодржлива рамка за заштита на животниот стандард која ќе има долгорочно влијание. Гледаме дека во одредени сегменти на храна се случуваат манипулации и изигрување на пазарната логика, и таму каде што анализите покажат неправилности ќе одиме со мерки кои нема да бидат краткорочни, туку долгорочни, за да не дојде повторно до зголемување на цените по два месеци,“ рече Ристески во гостување на Канал 5.

Ристески посочи дека проблемот со цените на храната е глобален и дека главната цел на Владата е да ја задржи инфлацијата на ниско и стабилно ниво и да ги стабилизира цените кои во изминатиот период имаа големи флуктуации, со цел подобар живот за  граѓаните.

„Минатата година Владата донесе неколку одлуки и мерки со кои делумно успеавме да ја стабилизираме инфлацијата, но веднаш по нив имавме повторно зголемување на цените и мало придвижување на инфлацијата. Затоа со добра анализа на мерки кои би следувале ќе гледаме да создадеме подолгорочен ефект на стабилизирање на цените и да се држи инфлацијата на ниско ниво, со цел заштита на животниот стандард,“ потенцира Ристески.

Со новите квалитетни и издржани мерки, додаде Ристески, ќе се испрати јасна порака до сите чинители во синџирот на снабдување со храна дека не смеат да ја изигруваат пазарната логика, бидејќи ќе следуваат долгорочни мерки од шест месеци до една година за да се обезбеди добар живот за граѓаните.