Ристески додаде дека овој ребаланс на Буџет е најголем во историјата на државата, од 4.37 милијарди евра. Многу пари, но многу малку капитални проекти, многу малку инвестиции, многу малку средства издвоени за проекти кои што ќе значат подобрување на животот во секојдневието на македонските граѓани.
– Уште во старт дека овој ребаланс на Буџет да кажам е лош, е тоа што се предвидува со овој ребаланс дефицит од 6.5%. Или во превод тоа значи 750 милиони евра во дупка. Ќе се потрошат 750 милиони евра пари кои ги немаме, појасни Ристески.
Ристески посочи дека ова значи само нови задолжувања и минимум со овој ребаланс на Буџет власта ќе ја задолжи државата и граѓаните со нови 200 милиони евра.
– Ова задолжување ќе биде уште поголемо бидејќи дефицитот со сигурност во 2021 година ќе ја надмине бројката од 6.5%. и во најдобра рамка би изнесувал некаде над 900 милиони евра. Проектираната стапка на раст власта ја задржала на 4.1%, што ќе кажам дека е апсолутно невозможно да се реализира во една посткризна година погодена со еден бран зад нас и уште еден есенски потенцијален кој се најавува. Тоа значи дека буџетскиот дефицит ќе биде поголем од растот на економијата и аналогно на тоа нема да има финансиска консолидација туку и во 2021 година ќе имаме зголемување на јавниот долг на државата, рече Ристески.
Ристески укажа дека јавниот долг во моментов е највисок во историјата и изнесува 7.2 милијарди евра.