Пред да дадам оценка ќе кажам дека вакви тимови на експерти од САД има во две држави и тоа се Авганистан и Македонија. Овој податок говори дека е поразително што нашата држава ја посетуваат вакви тимови од САД, рече Петар Ристески, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на гостувањето во емисијата Топ тема што се емитува на телевизија Телма.
„Ние како ВМРО-ДПМНЕ во континуитет зборуваме за криминал и корупција од состојбите во РЕК Битола, набавка на вакцини, афери други во здравство, издавање на пасоши на криминалци, аферата Броило и не се најде заеднички јазик со власта за заедничка борба против корупцијата. И сега дојдовме во ситуација некој од надвор да ни доаѓа еден тн. камшикар. Вакви тимови не доаѓаат за некој портир и слично, туку корупцијата ја бараат во највисоките ешалони на власта“, кажа Ристески.
Пратеникот Ристески укажа дека критики кон Македонија за ова поле имало и од претходната американска амбасадорка.
„Резултатите се поразителни во борбата против корупцијата и криминалот, јасно е истакната анкетата дека само 8 проценти имаат доверба во правосудниот систем и во таква ситуација нормално е САД да испратат тимови, бидејќи е очигледно дека оваа власт не само што не се справува, туку и генерира криминал и корупција“, рече Ристески.
Ристески укажа дека надлежните кај нас само декларативно се залагаат за борба против корупција и криминал, бидејќи за први лица на Судскиот совет, обвинителство се бираат луѓе од партиски штабови, а не со искуство.
„Власта не ни признаваше дека има корупција се додека не рекоа претставниците од САД. Тие не признаваа дека има скандал и со случајот Онишченко, премиерот и министерот за внатрешни работи велеа нема ништо, но потоа го поништија државјанство. Сега треба да видат американските експерти и кој отвора фирма за фотоволтаици и тоа токму е сопругата на премиерот и формата не и е со било кој граѓанин“, укажа Ристески.