„ВМРО-ДПМНЕ во овие избори, во оваа кампања влегува со понуда на решенија за подобар живот на граѓаните, развој на економијата, развој во сите сфери како што е образование, здравство, земјоделие итн. Од анкетите на кои се испитува јавното мислење во изминатиот период се воочува разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДС и веќе се етаблира 2:1 и повеќе. А, тоа само по себе кажува дека граѓаните не се задоволни од власта на СДС и ДУИ“, истакна пратеникот Петар Ристески во емисијата „Студио 10“ на ТВ24.

Ристески додаде дека власта ја изгуби довербата на граѓаните бидејќи наместо живот во Македонија донесоа само криминал и корупција.

„Состојбите во државата се лоши, не функционира системот. И тоа мора да се промени, а тоа ќе се промени само со понудување на добри и квалитетни решенија. Тоа ВМРО-ДПМНЕ од старт го прави и се воочува преку секојдневните настапи на претседателот, на партиските функционери од сите структури дека излегуваме со решенија кои се најважни на граѓаните“, појасни тој.

„Пример за подобри решенија кои што ги нуди ВМРО-ДПМНЕ се повисоки пензии, исполнување на барањето на пензионерите кои долго време протестираа, 5.000 денари линеарно покачување, понудување на нови закони, ослободување во делот на даночната политика, сет на економски закони кои што ќе значат привлекување на странски инвестиции итн. Исто така ВМРО-ДПМНЕ нуди решенија во образованието, за да не се случи повторно како изминативе години додека СДС и ДУИ се на власт учениците да немаат учебници“, рече Ристески.

Тој посочи дека понудувањето на решенија ќе значи само позитивна кампања.

„ВМРО-ДПМНЕ на овие избори ќе оди со понуда на решенија за подобар животен стандард на граѓаните“, укажа пратеникот.

„Ние ветуваме на граѓаните дека ќе ги изградиме сите автопати што се започнати и експресни патишта. СДС ветуваше дека нема да се задолжува, па затоа од 4,7 милијарди долг направија долг од 9 милијарди. Се да враќаше СДС досега јавниот долг ќе беше нула. Плус четири милијарди долг за шест години е премногу. Сивата економија со оваа власт од 18% се искачи на 40-тина проценти. Македонија има најмизерен развој на БДП во регионот“, укажа Ристески.

Пратеникот рече дека Србија има 50% раст на БДП, во Косово е 52%, во Бугарија е 64%, само во Македонија растот на БДП е едвај 20-тина проценти.