Актуелната ситуација во која општините, притиснати од товарот на зголемените сметки за електрична енергија најавуваат радикализирање е повод за разговор со Ристо Пенов, еден од претходните градоначалници на главниот град за кои скопјани се уште зборуваат со најголем пиетет.
Во интервју за „Локално“ тој забележува дека ниту една од општините не ги користи проширените овластувања што ги добија со законските измени во 2006 година, кои на пример во случајот со актуелната енергетска криза би овозможиле олеснување на процедурите за поставување фотоволтаици.
-За тоа се уште се потребни непотребни елаборати, проекти, катастраски снимања, измени на просторни планови, детални урбанистички планови и слични процедури …за кои се потребни години да се изменат. Со тоа директно ја спречуваат приватната иницијатива , новите вработувања, губат даноци и го кочат брзиот одговор на енергетската криза, вели Пенов.
Според него, внимателна анализа е потребна и во однос на коментарите дека ако Владата не даде финансиска помош, ќе дојде до финансиски колапс на ЈП.
„Општините сакаат јавните претпријатија да водат социјална политика или додворување на гласачите преку цените на услугите“, дециден е Пенов кој како пример ја посочува цената за изнесување ѓубре која не е зголемена повеќе од 20 години иако притоа постојат големи загадувачи кои плаќаат ист надомест како останатите.
Како начин на кој може се надмине проблемот на постојаните нови вработувања ја предлага следната опција: „За почеток би предложил да се замрзнат платните фондови и новите вработувања да паднат на товар на соодветно намалување на постојните вработени, вклучувајќи го и градоначалникот и надоместоците на советниците“.
Актуелната ситуација во која најголем дел од општините ги водат претставници на опозицијата според него не треба да претставува причина за барање оправдување или пак за политизација.
-Две третини од моите мандати во Скопје ги поминав како опозиционер и без никаква помош од централната власт, прецизен е Пенов.
Високите сметки за електрична енергија се најголемата причина поради која општините бараат помош од Владата. Во каква форма според Вас треба да биде оваа подршка и каде најмногу треба да биде насочена?
-Високите цени на енергијата ќе изедат голем дел од буџетите на општините, особено на помалите. Некаква форма на помош општините веќе примаат преку цената на електричната енергија која ја плаќаат детските градинки, а која е на ниво која ја плаќаат домаќинствата. Натамошната помош треба да се бара во примена на бенифицираната цена и за училиштата и културните институции , а можеби и и за уличното осветлување.
Какви решенија, од друга страна, во актуелнава ситуација им стојат на располагање на општините?
-Очигледен е фактот дека ниту една од единиците на локалната самоуправа не ги користи проширените овластувања што ги добија со законските измени кои стапија на сила во 2006 година.На пример, денес соочени со енергетска криза ниту една општина не пристапува кон релаксирање на процедурите за поставување фотоволтаици на своите кровови, во своите домови, па дури и на површини кои се карактеризирани како земјоделско или градежно земјиште во сопственост на граѓаните.. За тоа сеуште се потребни непотребни елаборати, проекти, катастраски снимања, измени на просторни планови, детални урбанистички планови и слични процедури …за кои се потребни години да се изменат. Со тоа директно ја спречуваат приватната иницијатива , новите вработувања, губат даноци и го кочат брзиот одговор на енергетската криза,Проценките говорат дека двете мега инвестиции во фотоволтаици ќе изгубат две до две и пол години заради овие процедури додека да започне производството на електрична енергија од нив.
Исто така, факт е дека општините воопшто не ги користат средствата кои им ги овозможува финансиската самостојност ,што е особено голем извор во поголемите општини.На пример, цената на надоместот за градење ( комуналии) во Скопје е ист во номинален износ повеќе од 20 години и е речиси еднаков со сите делови на Скопје. Нема никакво економско оправдување надоместот во Гази Баба и во Центар да биде приближно ист.Во општина Центар тој треба да е најмалку два пати поголем. Исто така, објектите над 1000 метри квадрати треба да плаќаат повисок надомест од тој што го плаќаат граѓаните за индивидуална градба.Сличен е проблемот со данокот на имот за недвижности кои не се користат за живеење , а чии стапки ги одредуваат општините самостојно.