Анализата што ја прави Регулаторната комисија за енергетика треба да покажа какви промени ќе треба да се  направат во тарифниот систем за струја и во кои периоди од денот ќе има евтина тарифа, а во кои ќе треба да се укине, вели во интервју за МИА  претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Ацо Ристов.

-Идејата на Регулаторот е да направи ревизија на блок тарифите кои се воведени за време на енергетската криза во 2022 година, бидејќи во меѓувреме многу се променети работите во енергетскиот систем и сектор. Затоа мислиме дека има простор да се направи ревизија се со цел некако да се внесат во мрежата, односно во конзумот новите трендови на производство на електрична енергија од обновливи извори. Генералната идеја е граѓаните да плаќаат пониски сметки за потрошената електрична енергија- вели Ристов.

На маса, според него, засега се повеќе идеи кои ќе овозможат погодности за граѓаните , но и да им се овозможи на производителите на струја од обновливи извори да добијат цена за својот производ во периодите од денот кога поради високата понуда таа сега изнесува нула денари.

Ристов вели дека анализата која се прави треба да покаже дали евтината тарифа на струјата ќе се прошири од 11 до 15 часот, ќе се укине во ноќните часови и дали ќе може таа да се воведе и во сабота.

-Првите анализи покажуваат дека во одредени периоди на  денот може да им се понуди поевтина енергија на граѓаните или, пак, да се зголеми периодот на користење на таканаречената евтина тарифа. Факт е дека има еден убав период од 11 до 15 часот во кој берзанските цени се многу ниски затоа што имаме вишок на енергија. Во тој распон можеби ќе се движиме со зголемување на периодот на поевтина електрична енергија, а за разлика од тоа можеби ќе има намалување во ноќните часови.  Тоа ќе ни го покаже математиката дали е изводливо – може, не може и колку може – вели Ристов.

Крајната цел, додава тој,  ни е со зголемувањето на потрошувачката малку да се покачи цената на електричната енергија произведена од обновливи извори на берзата во делот од денот кога берзанската цена е нула денари – што не е економски параметар.

-Бидејќи ништо на светот не се произведува за нула денари затоа што компаниите имаат свои трошоци и кредитни линии за инвестиции поради што нулата не може да биде нула и не е нула. Пазарот е побарување и потрошувачка и доколку се зголеми побарувачката малку ќе се зголеми и цената на берзата што на луѓето кои произведуваат сепак ќе им даде некаква безбедност и извесност во  инвестирањето – вели Ристов.

Првиот регулатор вели дека доколку анализата покаже потреба од нив тарифен систем за струјата тој ќе важи од 1 јануари следната година, но притоа наведува дека има можност новите тарифи да важат и само во одреден период од годината, на пример од  мај до септември кога има многу сонце, а се разгледуваат и други опции меѓу кои и укинување на евтината тарифа во ноќниот период, бидејќи вели сега имаме апсурдна ситуација.

– Најскапата енергија на пазарот и највисоката берзанска цена е од 21 до 23 или 24 часот, токму во периодот кога ние имаме ноќна евтина тарифа што е апсурд. Ние сега му викаме на ЕСМ ти давај ја енергијата по 65 евра за мегават час во овој ноќен период без разлика што на берза е 300 евра. И тоа е економски неисплатливо – вели Ристов.