Новиот градски пазар во Радовиш денеска започна да се гради. Градоначалникот Ацо Ристов истакна дека ова е првата капитална инвестиција која што ќе биде една од многуте кои што следуваат.
-Градскиот пазар ќе биде лоциран на локацијата каде што беше стариот градски пазар. Тој ќе биде на површина од околу 4.500 квадрати. Внатре ќе има многу површини, ќе има деловни простории, ќе има градски зелен пазар, ќе има простории за продавање и на други производи. Меѓутоа, посебната интересна намена е што истиот објект ќе биде и катна гаража.
Значи имаме двонаменски објект кој што ќе остане во центарот на градот за користење, за организирање и на манифестации, меѓутоа пред се ќе биде наменет за размена на земјоделски производи, она што радовишани на ова поднебје како земјоделски град го бара и еве сега конечно ќе го овозможиме. Да биде културно место, чисто, хигиенско, и се во корист на оние кои што ќе го користат, а тоа се земјоделците и граѓаните на општина Радовиш. И не само на општина Радовиш бидејќи знаете дека ние сме опкружени со општини кои што се претежно земјоделски населби и сите тие ќе си најдат свое место овде пласирајќи ги своите производи, правејќи трговија, развивајќи го земјоделието.
-Така да еве од денеска формално почнува градбата, изведувачот е фабрика „Карпош“ од Скопје, инвестицијата е околу два милиони евра. Предвидениот рок за изградба е 6 до 9 месеци и се надеваме дека многу брзо ќе дојдеме и на отворање на овој објект, кој што за радовишани ќе значи многу како за развојот и локалната индустрија и градежништво во меѓувреме малку ќе заживеат бидејќи овде ќе бидат ангажирани многу подизведувачи и многу добавувачи на материјали и се она што значи градба. Вие знаете дека градбата е секогаш носител на развојот на една општина и на едно поднебје и ние мислиме дека со ова ќе направиме вистински потег, вели Ристов.