После две години локална власт на ДПМНЕ во Неготино резултатот е буквално нула. Ветените проекти во изборната програма на градоначалникот Горан Стојанов не се реализирани, Неготино стагнира а граѓаните плаќаат поскапи сметки за дури 100%. ДПМНЕ и Стојанов во Неготино ги покачија давачките за данок на имот и ги поскапеа комуналните услуги. Ветениот нов рекреативен Центар кај спортската сала Младост не го реализираа, изјави денеска Лолита Ристова, пратеничка на СДСМ.
– Го нема ниту проектот за нов плоштад, ниту нов градски пазар. Иако за овој проект има целосно изработена документација од минатата локална власт на СДСМ. Се уште нема резервоар и потисен цевковод во Тревник иако средства се обезбедени од централната власт за оваа намена. Ниту едно ветување не е реализирано. Две години локална власт на ДПМНЕ и Стојанов во Неготино се загубени години. Едно големо ништо. Резултати нула. А скандалите и несоодветната работа се секојдневие за локална власт на ДПМНЕ. 700.000 евра обезбедени средства од Министерството за животна средина и просторно планирање, но дали граѓаните знаат за што овие средства ќе бидат искористени. Граѓаните не се информирани за трошењето на општинскиот буџет, бидејќи градоначалникот не е доволно транспарентен во неговото работење. Заклучокот е поразителен: ДПМНЕ ја има најнеспособната локална власт досега – рече Ристова.