Министерот за спорт говореше за ваучерите, инфраструктурата и спортските објекти
Министерот за спорт, Борко Ристовски, објасни како новиот систем за финансиска поддршка на спортот обезбедува правична распределба и ги штити клубовите и спортистите, нагласувајќи дека олимписките дисциплини секогаш ќе имаат предност.
„Со ваучерите претходно се добиваше само лист хартија и спортистите сами се снаоѓаа како ќе го реализираат. Ние направивме систем за никој да не е оштетен. Никој, па ни јас не можам да влијаам. Критериумите се однапред утврдени. Сега има незадоволни затоа што претходно некоја комисија си ја договарала распределбата и затоа сега има обвинение за нив. Со новиот систем не може да има привилегирани, но мора да биде јасно дека не можеме да ги финансираме сите спортови. Некои само ќе ги помагаме. Олимписките спортови секогаш ќе бидат пред неолимписките“, објасни Ристовски.
Тој додаде дека лани беа исплатени 440 милиони денари, додека годинава првата транша ќе биде во февруари, а втората во мај, во зависност од Буџетот, за да се одржи кондицијата на клубовите.
Министерот се осврна и на состојбата на спортската инфраструктура, салите и базените, нагласувајќи дека многу објекти се нефункционални и бараат реновирање.
„Почнавме со реновирање на неколку спортски сали, градиме три нови сали и базени, но се соочивме со многу проблеми. Во Карпош базенот е готов пред пет месеци, но немаше одобрение од општината за струја и вода. Во Охрид базенот е почнат пред 8-9 години. Најдовме таму многу наоди за криминал. Во секој случај базенот ќе се догради. Таму има огромен проблем со машинството. Одиме со нов проект за загревање и штом ќе биде готов ќе продолжиме со работа. Исто така ја продолжуваме и доградбата на салата на УКИМ во интерес на студентите“, рече Ристовски.
Тој најави и правно решавање на прашањето со сопственоста на спортските објекти кои се под концесија, а кои претходно ги добивале клубовите за минимални закупнини без обврска за инвестирање и ставување во функција на спортот.
