Намалувањето на солта може значително да го намали ризикот од мозочен удар
Мозочниот удар е една од водечките причини за смртност во светот, вклучително и во Македонија. Според здравствените експерти, ризикот од мозочен удар значително може да се намали со промена на секојдневните навики, особено преку контролирање на внесот на сол. Прекумерниот внес на натриум е директно поврзан со висок крвен притисок, кој е главниот предизвикувач на мозочни удари, пишува Eating Well.
„Клучната порака е дека превенцијата од мозочен удар е под наша контрола. Една од најефикасните промени што може да ја направиме е намалување на натриумот“, изјавува кардиологот д-р Арон Фајнголд. Според него, многумина внесуваат големи количини сол, често без да бидат свесни за тоа. Натриумот не доаѓа само од досолување, голем дел е скриен во преработената храна.
Како солта го зголемува ризикот од мозочен удар
„Исхрана богата со натриум може да ја влоши хипертензијата и другите ризични фактори, што со текот на времето го зголемува ризикот од мозочен удар“, објаснува д-р Леонард Пјанко. Кога внесуваме премногу сол, телото задржува вода за да го разреди натриумот. Тоа води до зголемен волумен на крв и создава дополнителен притисок врз крвните садови, со што се оптоварува срцето.
„Долготрајниот притисок на срцето и крвните садови го зголемува ризикот од хеморагичен или исхемичен мозочен удар“, додава д-р Фајнголд. Првиот се јавува при пукање на артериите, а вториот поради блокада во крвните садови.
Едноставни чекори за намалување на натриумот
Прекумерниот внес на сол честопати доаѓа од незабележани извори. Експертите советуваат читање на етикетите на производите изберете оние со помалку од 5% од препорачаната дневна вредност по порција. Гответе дома колку што е можно почесто, со што добивате контрола врз внесот на сол. Користете свежи и сушени билки наместо сол и внимавајте на сосовите и преливите, кои се скриени извори на натриум.
Избегнувајте конзервиран зеленчук и изберете свеж или замрзнат. Намалете ја ултра преработената храна како деликатесни меса, замрзнати пици, инстант супи и грицки.
Препорачани диети за намалување на ризик од мозочен удар
Ограничувањето на натриумот е клучно, но не и единствен чекор. Стручњаците ја препорачуваат DASH диетата, која го намалува крвниот притисок преку внес на овошје, зеленчук, интегрални житарки и нискомаслени млечни производи. Медитеранската диета, богата со маслиново масло и риба, исто така се поврзува со понизок ризик од мозочен удар.
„Клучната предност на овие диети се хранливите материи како калиум, влакна и незаситени масти кои го стабилизираат притисокот“, вели нутриционистката Дина Голдман.
Здрави навики што го намалуваат ризикот
Покрај исхраната, важно е и умереното консумирање алкохол. Надминувањето на седум пијалоци неделно значително го зголемува ризикот од мозочен удар. Препораката е најмногу два пијалоци дневно за мажи и еден за жени.
Физичката активност е клучна – 150 минути умерена или 75 минути интензивна активност неделно, според Американската асоцијација за срце. Дури и редовни кратки прошетки имаат позитивен ефект.
Задржувањето на здрава тежина е важно, но уште поважно е да се одржува метаболичко здравје. Проблемите како висок крвен притисок и дијабетес тип 2 често се поопасни од самата тежина. Промената на навиките што го подобруваат метаболизмот директно го намалува ризикот од удар.
Доколку се водиме според овие препораки, ризикот од мозочен удар може да се намали, а здравјето да се подобри на долг рок со мали, но постојани чекори.