Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе Правила за сајбер-безбедност со цел да се обезбеди сигурност во снабдувањето и да се намалат ризиците од нарушување на континуирано снабдување со електрична енергија, информираат од регулаторното тело.

Како што посочуваат, новата регулатива за сајбер безбедност се воспоставува како стандард за енергетски компании од електроенергетскиот сектор и е изработена во соработка со NARUC (National Association of Regulatory Utility Commissioners) и USAID.

Сведоци сме дека информатичката инфраструктурата која е од витално значење за функционирање на една држава и која се дефинира како критична инфраструктура, е често цел на сајбер напади. Енергетската инфраструктура изобилува со податоци од кои зависи доверливото функционирање на енергетските пазари, а РКЕ има стратешка улога да обезбеди добро функционирање на националните енергетски пазари, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

Сајбер-отпорноста и сајбер-безбедноста, додаде, не се проблем само за ИТ, тоа е и безбедносно прашање, но пред се е и регулаторно.

Затоа подготвивме правила и препораки кои треба да ги следат и спроведат енергетските компании со цел да се обезбеди сигурност во снабдувањето, заштита на учесниците на пазарот и потрошувачите и зајакната ефикасност, конкурентност и транспарентност на енергетските пазари, нагласи Бислимоски.

Во сетот на сајбер безбедносни правила, како што посочи, донесена е и Листа на препораки за електроенергетските компании кои треба да се спроведат од МЕПСО и Електродистрибуција, како и од производителите на електрична енергија кои управуваат со електроцентрали со вкупна инсталирана моќност еднаква или поголема од 200 мегавати како што се ЕСМ и ТЕ-ТО. Операторите и производителите се должни да назначат службеник за сајбер безбедност и да дадат приоритет на мерки за заштита на критичната инфраструктура, за која ќе има соодветна процедура за следење, известувања и справување со сајбер напади.