Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) до крајот на неделава треба да ги усвои измените на тарифниот систем за универзалниот снабдувач со електрична енергија со кои се воведуваат четири блок тарифи за високата дневна тарифа, односно за скапата струја.
Блоковите ќе важат само за скапата струја и предвидено е во првиот блок да бидат потрошувачите кои трошат до 210 киловат часови електрична енергија, во вториот блок од 211 до 420, во третиот блок од 421 до 630 и во третиот блок над 630 киловат часови електрична енергија.
Блоковите ќе важат за сите граѓани.
-За тој што троши многу има гарантирана цена и за прв блок, гарантирана цена и за втор блок, гарантирана цена и за трет блок. Доколку во скапа тарифа сте потрошиле 650 киловат часови, 210 киловат часови ви се гарантирани по цена од прв блок, од 210 до 420 по цена од втор блок, од 420 до 630 по цена од трет блок и само 20 киловат часови, односно разликата од 630 до 650 киловат часови ќе платите по цена за четврт блок, појасни неодамна претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
Најдоцна до петок, 24 јуни, ЕСМ треба да достави понуда на тендерот за снабдување на универзалниот снабдувач со електрична енергија за потребите на регулираниот пазар. Се очекува ЕСМ да достави и понуда за загубите на електрична енергија во мрежата што ги имаат МЕПСО и Електродистрибуција.
МЕПСО и Електродистрибуција веќе доставија барање до РКЕ за зголемување на нивниот дел во цената на електричната енергија за 60 до 80 отсто. Од цената која ќе ја понуди ЕСМ ќе зависи колкаво покачување на цената ќе побара универзалниот снабдувач ЕВН хоум, а токму делот на универзалниот снабдувач најмногу влијае на цената по која граѓаните ќе ја плаќаат струјата по 1 јули годинава.
ЕСМ лани понуди цена по 41 евро за мегават час за 100 отсто од потребите на ЕВН хоум и целосно покривање на загубите во мрежата што ги имаат МЕПСО и Електродистрибуција.