Нема промена додека не се добие проценка од Бирото

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе одлука цената на топлинската енергија да остане непроменета. Според РКЕ, постојните цени ќе продолжат да важат сè додека не се донесе нова одлука, која ќе се темели на целосна анализа на трошоците.

Причина за статус кво – недостасува проценка на топланите

„Направивме детална анализа на податоците доставени од компаниите кои се занимаваат со производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во Скопје. Утврдивме дека за целосна одлука е неопходна проценка на основните средства – топланите“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ. Како што објасни, барањето до Бирото за процена е испратено уште во февруари, но извештајот сè уште не е доставен, што го онеспособува донесувањето финална пресметка.

Последната корекција беше во февруари

Според РКЕ, останувањето на истите цени има за цел еднаков третман за сите потрошувачи на територијата на Скопје. Инаку, последната промена на тарифите беше во февруари, кога сметките беа зголемени за 5,03 %, поради пораст на цената на природниот гас на светските берзи за 16 % во последниот квартал од 2024 година.