Системот треба да овозможи поевтина електрична енергија за домаќинствата

Претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад Ацо Ристов изјави дека идејата за анализа на блок тарифите е насочена кон намалување на цената на електричната енергија за граѓаните.

Тој посочи дека сегашниот модел бил воведен во период на енергетска криза, но оттогаш условите значително се промениле.

„Овој систем на блок тарифи е донесен за време на енергетската криза. Од тогаш до сега, во енергетскиот сектор се имаат променето многу работи. Тоа е и повод за размислување како да се воспостави систем кој ќе обезбеди произведената електричната енергија од обновливи извори, која е далеку поевтина од онаа што ја произведува ЕСМ а државата ја субвенционира, да стигне до граѓаните. Ние сме во нов енергетски период. Енергетиката е динамична, а наша цел како регулатори е евтината енергија да дојде до домаќинствата“, рече Ристов во интервју за ТВ24.

Фотоволтаици и можни измени во тарифниот систем

Ристов нагласи дека идејата е да се искористи зголеменото производство од фотоволтаични централи и да се вклучи во системот за користење од страна на граѓаните.

Според него, се разгледува и можноста евтината дневна тарифа да се прошири од сегашните два на пет часа.

„Ноќната тарифа ќе остане, но може ќе се помести периодот- да ги видиме резултатите од анализата што ќе покажат“, потенцира Ристов.