Скопјани со бројни активности му оддадоа почит на Горан Стефановски
Денеска (27 април), во Дебар Маало кај спомен-клупата посветена на Горан Стефановски, беше одбележан роденденот на еден од најголемите македонски драматурзи, пренесе ВечерПрес.
Програма во чест на великанот
За сите присутни граѓани беше организирана богата културна програма. Настапи вокално-инструменталниот состав „Аудио Скопје“, а публиката уживаше и во пантомимска точка и улични живи статуи. Во чест на Стефановски, беа прочитани одбрани текстови напишани од и за него. Текстовите ги читаа актерките Саша Димитриевска, Мирјана Трпковска Костовска и Трајанка Илиева Вељиќ, како и членови на семејството Стефановски, негови блиски пријатели, колеги и жители на Дебар Маало. Настанот беше дополнително збогатен со ДЏ сет на Игор Стефановски.
Изјава од Општина Центар
„Иако физички не е меѓу нас, неговите ликови сè уште живеат во нас, неговите зборови одекнуваат низ театарските сцени, а неговиот дух постојано пулсира – во говорот, мислата и сцената што го продолжува неговиот живот. Токму поради тоа велиме: Горан е секогаш присутен,“ истакнаа од Општина Центар, организаторот на настанот.
Живот и дело на Горан Стефановски
Горан Стефановски е роден на 27 април 1952 година во Битола, во семејство силно поврзано со театарот. Раното детство и младоста ги поминал во театарска атмосфера, на што потоа му го посветил и целиот свој живот.
Со неговото творештво, македонската современа драма доби ново руво и престиж. Најпознатите драми на Стефановски се: „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар маало“. Неговите дела имаат заедничка нишка – преку трагедијата на едно семејство, тој ја прикажува историјата на македонскиот народ, неговите болки, неправди, политички поделби и стремежот кон подобра иднина.
Горан Стефановски почина на 27 ноември 2018 година во Кантербери, Велика Британија, на 66-годишна возраст.