Културно лето во Кисела Вода.

Под мотото „Сè на свое место“, Општина Кисела Вода ќе го одбележи 70 години од своето постоење со разновидна, содржајна и квалитетна програма, креирана да допре до сите генерации. Годинава на програмата има изведувачи кои ќе настапат на три сцени. На платото пред салата „Расадник“, во Драчево кај крстот и во паркот „Македонија“. Ќе понудат разновидна програма за сите возрасти, за сите жители на Кисела Вода и за сите скопјани, како и од останатите градови низ земјава.

Главна атракција на програмата ќе биде Роџер Санчез, добитник на Греми, диџеј кој ги полни најголемите клубови и фестивали во светот. Со него ќе започне четиридневното одбележување. Ексклузивниот настап ќе се одржи в четврток, на 26 јуни со почеток во 20,30 часот, во салата „Расадник“.

Атмосферата пред Санчез од 20:30 часот ќе загреваат диџеите Мац, Ампов и Деан Мицкоски

Наредниот ден, петок, на крстот во Драчево, од 20:30 до 21:00 часот, посетителите ќе може да го проследат настапот на КУД „Китка“. Потоа ќе следува забава со: Миле Кузмановски, Сузана Спасовска, Огнен Здравковски и Бојана Скендеровски. На крај свој настап ќе има Каролина Гочева, кој ќе започне во 22:30 часот.

Дуото „Некст тајм“ ќе ги забавуваат посетителите в сабота, на платото пред салата „Расадник“, со почеток во 20:30 часот. По него ќе настапат „Два бона“ и Слаткар. Недела, е предвиден како семеен ден. Во 10:30 часот ќе започнат активностите на платото пред салата „Расадник“. Прославата ќе се заокружи со доза смеење, која ќе ја обезбедат стендап комичарите Бојан Велевски и Марјан Ѓорѓиевски, во 20:30 часот, а по нив ќе биде настапот на „Tea & 2EXIT“.

Низ настаните ќе водат четворица водители: Миро Кацаров, Сашко Коцев, актерката Драгана Левенска и водителката Верица Донев.

Извор: Република