Родители реагираат дека нема термини за ортопед за деца. Некои од нив тврдат дека со месеци чекаат термин. Велат дека губат време и пари во обидите да обезбедат здравствена заштита на своите деца.
Од Министерството за здравство во изјава за МИА велат дека во тек се контроли во јавните здравствени установи, согласно Законот за здравствена заштита, со цел да бидат навреме обезбедени потребните термини. Оттаму нагласуваат дека согласно Законот за евиденции, сите интервенции треба да се евидентираат електронски, а целта е кратење на времето за чекање за овие листи.
– Фокусирани сме на зајакнување на сите сегменти на здравствениот систем, почнувајќи од кадарот, новата медицинска опрема, условите за третман на пациентите, а воедно и условите за работа на персоналот. Истовремено се залагаме за долгорочно зајакнување на специјалистичките дејности преку доделување специјализации со Програмата за специјализации која Министерството ја изготвува на годишно ниво, се вели во одговорот.
Со Програмата за специјализации за 2023 година, која е во тек, доделени се специјализации анестезиологија со интензивно лекување, педијатрија, интерна медицина, инфектологија, кардиологија, општа хирургија, неврологија, детска хирургија и други специјалности.
Неделно во „Мајчин дом“ се прегледуваат од 200 до 350 пациенти, а месечно од 800 до 1.000 пациенти
Од Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар, (ЈЗУ УК ТОАРИЛУЦ) – Скопје, појаснуваат за МИА дека прегледите на деца се закажуваат преку порталот „Мој термин“ и дека термините се креираат од 1 до 10 секој месец за наредниот месец кај специјалиститее ортопеди во амбулантите во „Мајчин дом“ и по потреба на Клиниката за ортопедиски болести во комплексот „Мајка Тереза“.
– Во рамки на овие термини се прегледуваат односно се прават скрининг прегледи на здрави деца и на неитни состојби. Истовремено, во овие термини се закажуваат и пациентите кои се соочуваат со одреден ортопедски проблем во детската и адолесцентска возраст. Доколку се работи за состојба која е ургентна или итна, се закажуваат прегледи надвор од овие термини и сите пациенти кои имаат потреба од ортопедски преглед се прегледувааат од страна на нашите специјалисти веднаш или во рок од неколку дена по добивање на упатот, велат од ТОАРИЛУЦ.
Оттаму истакнуваат дека на Клиниката за ортопедски болести работат доволен број на специјалисти ортопеди, кои прават прегледи и третман на ортопедски заболувања кај деца, додавајќи дека не би можеле да коментираат дали на ниво на држава има доволен број на кадри.
– На неделно ниво во „Мајчин дом“ се прегледуваат од 200 до 350 пациенти, а на месечно, бројката е од 800 до 1.000 пациенти. Во оваа бројка се вклучени пациентите кои се прегледуваат во нашите амбуланти во „Мајчин дом“ и по потреба на Клиниката за ортопедиски болести во комплексот „Мајка Тереза“. Во бројката се вклучени пациенти редовно закажани кај специјлист ортопед преку „Мој термин“, како и пациенти со приоритени упати кои заради одредена итна состојба биле примени и прегледани, како и пациентите кои биле упатени со итен упат и барале итен медицински ортопедски преглед поради ургентноста на состојбата, се додава во одговорот.
Фондот за здравствено осигурување плаќа набавка на помагало изработено од стандарден материјал по референтната цена, разликата на товар на осигуреникот
Зошто цената на ортопедско помагало делумно ја плаќаат и здравствените осигуреници, одговор побаравме од Фондот за здравствено осигурување од каде појаснуваат дека пациентите имаат можност за набавка на ортопедско помагало од надстандарден материјал и дека Фондот ги плаќа трошоците за помагало изработено од стандарден материјал по референтна цена, а разликата е на товар на осигуреникот.
– Согласно Измените на Законот за здравствено осигурување објавени во Сл.Весник на РСМ од 27.12.2019 година, на осигурените лица им се даде можност и за набавка на помагало изработено од надстандарден материјал, при што Фондот ги плаќа трошоците за набавка на помагало изработено од стандарден материјал по референтната цена, а разликата e на товар на осигуреникот. Со тоа осигурените лица добија можност за набавка на помагала изработени од поквалитетен материјал, се вели во писмениот одговор до МИА.
Согласно закoнските измени, се направиле и измени во подзаконскиот акт кој ја регулира оваа проблематика, Правилникот за индикациите за остварување право на ортопедски и други помагала, објавен во Службен весник на РСМ бр.31 од 10.02.2020 година.
– Член 11 а од Правилникот гласи: Осигуреното лице кое остварило право на ортопедско и друго помагало според индикациите утврдени со овој Правилник, може да ја доплати разликата од утврдената референтна цена од страна на Фондот до набавната цена, ако бара подигање на помагало изработено од надстандарден материјал”. Правното лице од каде што е подигнато помагалото, дополнително доставува до Фондот и потврда за подигање на помагало од надстандарден материјал (образец ПНП) и изјава од осигуреното лице или друго лице (образец ИНП), кои се составен дел на Правилникот. Во двете потврди осигуреното лице е согласно да подигне помагало од надстандарден материјал и да ја доплати разликата од утврдената референтна цена. Секако осигуреното лице мора да биде информирано, да знае дека има таква можност, лицето да побара и да се согласи да подигне ортопедско помагало од надстандарден материјал со доплата на разликата во цената, појаснуваат од ФЗО.
Оттаму нагласуваат дека правното лице не смее да нуди стандардно ортопедско помагало по цена повисока од референтната цена, утврдена од страна на Фондот.
– Оваа измена не е новина туку датира од 2019 година. Улогата на ортопедот е, кога ќе констатира потреба од ортопедско помагало, да го препише видот на ортопедското помагало и да го упати осигуреникот да го подигне во ортопедската куќа, однсоно правното лице, подвлекуваат од Фондот за здравствено осигурување.