Се подготвуваат законски измени по последните случаи на насилство во училиштата
Министерството за образование подготвува законски измени со кои родителите ќе сносат одговорност доколку нивните деца извршат насилство во училиштата. Министерката Весна Јаневска денеска изјави дека веќе се работи на финализирање на измените заедно со пратениците.
Таа посочи дека државниот секретар е во постојана комуникација со Собранието за дооформување на законските предлози.
„Државниот секретар е во постојан контакт со пратениците. Мислам дека во овој момент се во Собранието за да ги дооформат овие предлози. Веќе е донесена одлука, тие измени ќе се направат и останува глобата од 250 евра за секое сторено насилно дело на детето да биде казнет родителот, но и тоа што е многу важно – и кога родителот ќе одбие да соработува со училиштето и другите институции“, рече Јаневска.
Измените следуваат по неколку случаи на врсничко насилство
Министерката пред два дена најави дека се неопходни законски измени со цел да се создаде побезбедна училишна средина.
Во изминатиот период јавноста беше сведок на повеќе случаи на врсничко насилство, а последниот инцидент се случи во основното училиште „25 Мај“ во Ченто, каде со остар предмет беше повреден 15-годишен ученик.
