Родителите на петгодишната Јана Христовска од Битола, која почина во битолската болница по примањето инфузија, се иселија од Македонија. Кумот на Јана, Игор Петковски, за „Макфакс“ вели дека заминале оти целосно ја изгубиле вербата во нашите институции, објави Макфакс.
„Стравуваа како ќе појдат со синот на лекар ако, не дај боже, затреба. Ставија шест месеци на Јана, се спакуваа и тројцата заминаа од државава. На најтешкиот начин почувствуваа како функционира таа спрега меѓу здравството, судството и сите институции што имаа допир со случајот на Јана. Сите оставија впечаток дека се штитат едни со други. Најгневни се на обвинителката, која го затвори случајот само врз основа на изјави, истрага не видовме. Институциите покажаа дека сите се поврзани едни до други и кај нас се владее по системот на династија“, вели Игор Петковски, кумот на Јана, за „Макфакс“.
Јана почина на 22 март годинава во ЈЗУ Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола, а нејзините родители се убедени дека причина за смртта е лекарска грешка оти ѝ била дадена инфузија со гликоза, која ѝ го качила шеќерот во крвта на 19 единици, а претходно никогаш немала такви проблеми. Ја однесоа на лекар поради симптоми на настинка.
Институциите со недели, а некои и со месеци, анализираа и заклучија дека Јана починала од срцев удар како последица на бронхопневмонија предизвикана од вирус. Неодговорени останаа прашањата на родителите зошто има запишано различно време на смртта на Јана, зошто воопшто ѝ дале инфузија со гликоза кога резултатите покажале покачен шеќер, зошто сакале и второ шише да ѝ дадат, зошто не е кажано името на вирусот кој наводно го имала Јана, зошто докторката, сопруга на судија од Основниот суд Битола, им се скрила и ред други прашања.
Правда за Јана се бараше и на неколку протести во земјата, но Обвинителството го затвори случајот и не поднесе обвинение за лекарска грешка.