Барање за транспарентност од Обвинителството во Кочани
Родителите на починатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска најавија дека ќе поднесат официјално писмено барање до Основното јавно обвинителство (ОЈО) во Кочани. Барањето е насочено кон добивање на детално објаснување за тоа против кого точно се води обвинителната постапка, откако минатата недела државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски го соопшти обвинението.
– „Ние не сме правници и не го разбравме обвинителниот акт што го соопшти јавниот обвинител против осомничените за трагедијата во ‘Пулс’, поради што бараме Основното јавно обвинителство да ни ги објасни резултатите од истражната постапка“, порачаа родителите на завчерашниот деветти „Марш на ангелите“ во Кочани.
Тие побараа целосна транспарентност и увид во тоа кои физички и правни лица се опфатени со обвинението, против кого точно се води постапката и кои лица се изземени од одговорност. Како што изјавија, тоа е клучно за да се разјаснат сите дилеми и нејаснотии што ги имаат во врска со истрагата.
Обвинителството најави отвореност и средба со семејствата
Од Јавното обвинителство во Кочани посочија дека стојат на располагање и се подготвени да организираат средба со семејствата на жртвите. Нивната цел е да се дадат сите потребни информации за обвинението, без притоа да се наруши натамошната постапка.
Воедно, беше потсетено дека на претходната средба дел од семејствата веќе добиле директен контакт за комуникација со обвинителството и дека сите блиски на настраданите имаат можност во секој момент да добијат увид во текот на процесот.
37 обвинети, 11 изземени од постапка – вклучени и високи функционери
Според обвинението поднесено на 13 јуни до Основниот суд во Кочани, вкупно се опфатени 34 физички и три правни лица. На нив им се става на товар кривично дело – тешки дела против општата сигурност, во врска со трагедијата што се случи на 16 март во клубот „Пулс“, при што загинаа 62 лица, меѓу кои шест деца.
Меѓу обвинетите има сопственици на локали, управители, инспектори, членови на обезбедување, поранешни и актуелни градоначалници, како и државни службеници.
Постапката е запрена за 11 лица, вклучувајќи и двајца поранешни министри. Тие сеизземени заради, како што наведува обвинителството „недоволно докази“.