По контроверзните прашања од програмата „Образование за животни вештини“за средно образование кои се споделуваа на социјалните мрежи и предизвикаа бурни реакции, „Родителскиот фронт“ најави собир во Струмица, на кој, како што велат граѓаните ќе бидат запознаени зошто треба да се каже „Не“ на родовата идеологија, пренесува Макфакс.
„Со оглед на тоа, што по бројните реакции во јавноста, Бирото за развој на образованието го повлече спорниот учебник од својата веб страница, ние како загрижени граѓани, Ви го доставуваме во електронска форма.
Во него, ќе можете да ги и пронајдете прашалниците наменети за учениците за кои сметаме дека се штетни за нивниот развој (кои ги објавивме на нашите социјални страници) и кои водат кон индоктринација со родовата идеологија, која ќе предизвика конфузија и ќе создаде несреќна и изгубена младина“, велат од Родителскиот фронт.
Информираат дека вечерва, во 18 часот на Градскиот плоштад „Гоце Делчев“ во Струмица ќе биде одржан информативен собир на кој граѓаните ќе бидат запознаени зошто треба да кажат „Не“ за родовата идеологија.
Ја бараат поддршката од целата заедница за да, како што велат, се спречи, „ова општествено зло да влезе во образовните курукулуми во основните и средните училишта“.
Наставната програма не е задолжителна, беше истакнато од Бирото за образование за прашалникот за хетеросексуалноста
Според нивната информација, се работи за изготвен прирачник за наставници врз основа на наставна програма, кој не е задолжителен.
„Макфакс“ претходно објави дека на социјалните мрежи се споделуваат контроверзни прашања од програмата „Образование за животни вештини“ за средно образование. Прашањата се наоѓаат во работните листови, во делот „Индентитети“, и се однесуваат на хетеросексуалноста и нејзиното преиспитување. Меѓу прашањата за средношколците има: Дали е можно вашата хетеросексуалност да е само фаза којашто ќе ја надминете?; Ако хетеросексуалноста е нормална, тогаш зошто толку многу хетеросексуалци се лица со ментални нарушувања?; како и: Најголемиот број лица што злоставуваат деца се хетеросексуалци. Дали сметате дека е безбедно вашето дете да го праќате на училиште каде повеќето наставници се хетеросексуалци?