Претставката на Здружението „16 март 2025 Кочани“ во фокусот на седницата
Во Собранието денеска се одржа седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, на која се разгледува претставката на Здружението „16 март 2025 Кочани“ – здружението на родителите на загинатите деца во дискотеката „Пулс“. Седницата започна со едноминутно молчење во чест на настраданите.
И покрај шпекулациите на опозицијата денеска целиот државен врв денеска беше присутен во Собранието. Таму беше и премиерот Христијан Мицкоски којшто даде своја изјава од пред Собранието.
(ВИДЕО) Мицкоски: Правда на анкетна комисија не може да има, туку само во судски процес
Присуствуваа претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши, премиерот Христијан Мицкоски, повеќе пратеници, институции и граѓански организации. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски не присуствува поради службен пат.
Родителите на загинатите од Пулс побара финансиска, инситуционална и психолошка поддршка
Претставничката Марија Петрушова нагласи дека нивното барање е случајот да се третира како сериозна повреда на човековите права, со акцент на правото на живот. Таа истакна дека трагедијата е резултат на „немарност, корупција и неспособност на институциите“, па затоа бараат итна институционална поддршка, официјални одговори за доцнењето на постапките и прецизни рокови за нивно завршување. Петрушова посочи и на селективно гонење, тврдејќи дека процесирани се само „најдолу во системот“, додека носителите на функции остануваат неказнети. Таа додаде дека за разлика од други трагедии, во случајот со Кочани не била воспоставена институционална, финансиска или психосоцијална поддршка за семејствата.
Политички тензии и предупредувања за можни правни последици
Пратеничката Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ ги предупреди родителите дека седницата нема да може да произведе правен основ за поведување одговорност. Таа рече дека постои ризик Комисијата да се претвори во механизам за изземање од вина. Таа го прочита писмото од јавниот обвинител Љупчо Коцевски, кој предупредува дека паралелната работа на Комисијата и тековните кривични постапки може да ги компромитира доказите. Василевска побара пауза и изземање на Апасиев, но тој го одби барањето.
Продолжуваат процедурните расправи и надзорот над трагедиите
Пратеничката Дафина Стојаноска посочи дека имало повеќе процедурални прекршувања во свикувањето и водењето на седницата. Анкетната комисија, формирана минатата недела со поддршка на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ, ќе ги разгледува околностите околу трагедиите во Кочани, Модуларната болница во Тетово, несреќата на „Дурмо Турс“ и случајот Ласкарци. Целта е да се утврди постапувањето на институциите.
