Партијата обвинува дека под раководството на СДС и ДУИ, во М-НАВ имало роднински и партиски вработувања

ВМРО-ДПМНЕ во своја реакција обвини дека  СДС и ДУИ ја претвориле М-НАВ во партиска филијала за вработување блиски роднини, деца, внуци и коалициски партнери. Партијата тврди дека овие лица добивале плати неколкупати повисоки од просечните, а целиот процес го нарекуваат „роднински и партиски вработувања“.

„СДС и ДУИ скандалозно вработуваа роднини, деца, зетови, братучеди на пратеници и министри. Како на пример роднините на министерот Љупчо Николовски“, стои во соопштението. Според ВМРО-ДПМНЕ, биле менувани и членови на комисијата за прием на работа во М-НАВ.

Меѓу спомнатите примери се Ветон Кадри, син на пратеничката Шпреса Кадри. Антонио Кочовски, зет на поранешниот претседател на СДС во Охрид, Лазе Танески. Во реакцијата се наведува и дека Кочовски бил роднина на поранешниот министер Горан Сугарески.

Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ објави дека за претседател на Управниот одбор на М-НАВ бил назначен Николче Тасески, зет на екс-министерката Рената Дескоска. Се наведува и дека таму бил вработен синот на Стевчо Јакимовски, како и братучетка на поранешната министерка Јагода Шахпаска.

„Со СДС и ДУИ, М-НАВ беше претворена во дувло за партиски и роднински вработувања, зад кои стои партискиот бандитизам“, се вели понатаму во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ наведува и други примери: Бујар Османи ја вработил својата сестра, Артан Груби – својата снаа, Ејуп Алими – две снаи и син, а Беким Незири, за кого тврдат дека е притворен како предводник на групата која физички нападнала контролори, вработил свој внук.

Од партијата заклучуваат дека „СДС и ДУИ се синоним за непотизам“ и укажуваат на, како што велат, сериозни последици за безбедноста поради таквите вработувања.