Фудбалскиот ас Кристијано Роналдо ја изнесе својата верзија за конфликтот со португалскиот селектор Жорже Жезус. Во долго соопштение, капитенот откри дека причината за заминувањето од собирот на националниот тим не била минутажата, туку изгубената доверба откако селекторот, како што тврди, двапати не го одржал дадениот збор.

Роналдо призна дека погрешил со заминувањето и изрази подготвеност да ја одработи казната, најавувајќи дека повторно ќе игра за Португалија.

„Беше вторпат да не го одржи зборот што ми го даде. Решив да го напуштам собирот не чекајќи уште едно прекршување на дадениот збор. За мене вистината сè уште е најважната работа во односите меѓу луѓето“, порача Роналдо.

Според фудбалерот, сè започнало со планот што Жезус му го претставил по преземањето на репрезентацијата, според кој Роналдо требало да игра на првиот и на последниот натпревар, со внимателно контролирано физичко оптоварување. Селекторот му понудил и привилегија да не патува на гостувањата во Норвешка и Данска, но Роналдо ја одбил оваа можност.

„Тоа што не би играл на натпреварите во странство не значи дека треба да престанам да бидам капитен на нашиот тим. Таквата привилегија да останам во Португалија не би била добар пример“, објасни тој.

Првиот проблем се појавил во Норвешка, каде што Жезус го прашал дали може да одигра 30 минути. Роналдо се загревал од полувремето, но не влегол во игра и потоа си заминал без да ги поздрави навивачите.

„Тоа е грешка за за која сум исклучиво јас одговорен и која не смееше да се случи“, призна тој, упатувајќи извинување до јавноста.

Потоа следувал разговор меѓу Роналдо, Жезус и Симао Кутињо, на кој бил составен и краток документ со точките што селекторот требало да ги изјави пред медиумите — дека Роналдо не барал загарантирана минутажа и дека било грешка неговото праќање на загревање. Меѓутоа, Роналдо тврди дека настапот на Жезус пред новинарите бил сосема поинаков.

„Неговиот настап немаше никаква врска со нашиот состанок. Слушнав изрази и агресивност за кои сметам дека не ги заслужив“, наведе Роналдо, посочувајќи го ова како второ прекршување на договорот поради кое си заминал од собирот.

И покрај тензиите, португалската ѕвезда не бега од сопствената одговорност пред соиграчите и сојузот.

„Не сум кој било играч, јас сум капитен на тимот и тоа е отежнителна околност. Веќе се извинив, но знам дека постапките мора да имаат последици“, порача Роналдо.

Тој нагласи дека очекува казна од Фудбалскиот сојуз на Португалија, но отфрли секаква можност за репрезентативно пензионирање.

„Ако бидам физички подготвен, ако играм за својот клуб и, се надевам, постигнувам голови, откако ќе ја одработам суспензијата ќе бидам на располагање, како што сум бил секогаш досега, за да се натпреварувам и да победувам за нашата репрезентација“, заклучи Роналдо.