Топ 100 најплатени спортисти заработиле речиси 6 милијарди долари
Португалската фудбалска ѕвезда Кристијано Роналдо ја освои првата позиција на листата на најплатени спортисти во 2025 година, објави спортскиот бизнис медиум „Спортико“ во своето годишно истражување. Вкупната заработка на Роналдо изнесува 260 милиони долари, од кои 200 милиони се од плати и наградни фондови, а уште 60 милиони од маркетинг и бонуси.
Меѓу првите 100 најплатени спортисти се натпреварувачи од осум различни спортови и 28 земји, кои во текот на календарската година инкасирале вкупно речиси 6,05 милијарди долари. Од оваа сума, 4,63 милијарди долари се заработени директно од плати и наградни фондови, додека дополнителни 1,42 милијарди се остварени надвор од спортските арени, како бонуси и маркетинг.
Жените сè уште недоволно застапени
Меѓу 100 најплатени спортисти во 2025 година, не се најде ниту една жена. Со најголема заработка меѓу спортистките е американската тенисерка Коко Гоф со 31 милион долари, што е далеку помалку од заработката на Роналдо.
Топ 5 најплатени спортисти
По Роналдо на листата следуваат боксерот Канело Алварез со 137 милиони долари и фудбалерот на Интер Мајами, Лионел Меси, со 130 милиони долари. На четвртото место е бејзбол играчот Хуан Сото со 129,2 милиони долари, а топ 5 ја заокружува кошаркарот Леброн Џејмс со 128,7 милиони долари.
Топ 5 изгледа вака:
-
Кристијано Роналдо (Фудбал, Португалија) – 260 милиони долари
-
Канело Алварез (Бокс, Мексико) – 137 милиони долари
-
Лионел Меси (Фудбал, Аргентина) – 130 милиони долари
-
Хуан Сото (Бејзбол, Панама) – 129,2 милиони долари
-
Леброн Џејмс (Кошарка, САД) – 128,7 милиони долари
