Православните христијани во земјава денеска го слават Рождество на Пресвета Богородица, празник познат и како Мала Богородица. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се служат празнични литургии.

Во навечерието на празникот, синоќа во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во центарот на Скопје беше отслужена Празнична вечерна богослужба со учество на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, а потоа околу централното градско подрачје беше одржана Литија со иконата на Пресвета Богородица – Троеручица, која минатата година беше донесена од светогоорскиот манастир Хиландар.

Рождество на Пресвета Богородица е првиот голем празник во новата литургиска година и богослужбениот циклус на Светата православна црква.

Пресвета Богородица, Марија, е родена од родители Јоаким и Ана, кои живееле во Назарет. И двајцата биле многу скромни, побожни и ги помагале сиромасите и болните. Долго време немале деца, а ќерката ја добиле после пет децении брак.

Македонскиот народ, со многу внимание ја празнува и слави Пресвета Богородица, мајката на Исус Христос. Многу цркви го носат нејзиното име, а има и голем број преданија за чудотворни икони со ликот на мајката божја. Меѓу народот овој празник се слави и со различни обичаи, посебно посветени на раѓањето. Се верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто, а особено на леунките, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Заедно со Рождеството, според календарот на МПЦ-ОА, денеска се празнуваат и иконата на Пресвета Богородица во Калишта и иконата на Пресвета Богородица Почајевска. Следниот ден по Мала Богородица, 22 септември црквата го празнува споменот на нејзините родители Јоаким и Ана.