РСБСП ги потсетува возачите да ги подготват своите возила за возење во есенски и зимски услови, со особен акцент на следното:
НАМАЛЕТЕ ЈА БРЗИНАТА. Во услови на ниски температури и обилни врнежи од дожд или снег, појавите на голомразица на патот, влажни и лизгави коловози се очекувани, особено доколку патувате во раните утрински или доцните вечерни часови. Затоа бидете внимателни, прилагодете ја брзината според условите на патот и запомнете дека најважно од сѐ е живи, здрави и безбедни да пристигнете на посакуваната дестинација.
ДРЖЕТЕ БЕЗБЕДНО РАСТОЈАНИЕ. Лошите временски услови и непогодната состојба на коловозите влијаат на сопирачкиот пат на возилото. Затоа, држете безбедно растојание и внимавајте на однесувањето на другите учесници во сообраќајот.
БИДЕТЕ ПРЕДВИДЛИВИ. За безбедно одвивање на сообраќајот при дожд, влажни и замрзнати коловози особено е важно вашите постапки во сообраќајот да бидат најавени, очекувани и предвидливи. Согласно тоа, редовно користете трепкачи и избегнувајте нагли дејствија, како нагло свртување, нагло запирање, успорување или забрзување на возилото.
ВОЗЕТЕ ВНИМАТЕЛНО ВО УСЛОВИ НА МАГЛА. Секогаш кога се движите низ магла, прво намалете ја брзината и вклучете ги соборените светла и светлата за магла (доколку поседувате такви светла). Почитувајте ги ограничувањата на брзината и не престигнувајте други возила сè додека вашето видно поле не стане чисто и прегледно, а вашето престигнување безбедно.
НАПРАВЕТЕ ТЕХНИЧКА ПРОВЕРКА НА ВОЗИЛОТО. При есенски услови на патот посебно важно е да управувате технички исправно возило. Искуствата покажуваат дека при пониски температури и влажни и лизгави коловози на површина излегуваат сите неисправности на возилото. За ваша безбедност, за безбедно и непречено пристигнување на посакуваната дестинација, направете редовна зимска проверка на возилото со посебен акцент на проверка на системот за управување, системот за запирање, пневматиците, електрониката и сл.
РСБСП уште еднаш потсетува дека безбедноста во сообраќајот зависи од секој од нас и доколку сите бидеме внимателни и одговорни во сообраќајот и ги почитуваме сообраќајните правила и прописи, тогаш бројот на сообраќајни незгоди и бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди значително ќе се намали.