Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека постои можност Иран да го прифати договорот за ставање крај на војната на Блискиот Исток уште денеска.
„Постои шанса, без разлика дали тоа ќе биде подоцна денеска, утре или за неколку дена, да имаме нешто да соопштиме. Постигнат е одреден напредок. Дури и додека разговарам со вас сега, се работи на тоа“, им изјави Рубио на новинарите во Њу Делхи, додавајќи дека се надева на „добри вести“.
Тој повтори дека САД бараат Иран целосно да ја отвори Ормуската Теснина, над која Техеран воспостави контрола по американско-израелските напади, како и да го предаде високо збогатениот ураниум.
„Американскиот претседател Доналд Трамп секогаш претпочита ваквите проблеми да се решаваат преку договорено дипломатско решение. Тоа е она на што работиме во моментов. Но, овој проблем ќе биде решен, како што претседателот јасно стави до знаење… на еден или на друг начин“, нагласи Рубио.
Во меѓувреме, Иран соопшти дека е фокусиран на финализирање „меморандум за разбирање“ преку разговорите меѓу Техеран и Вашингтон, кои се водат со посредство на Пакистан.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, изјави дека секој механизам поврзан со Ормуската Теснина треба да биде договорен меѓу Иран, Оман и земјите што граничат со овој воден пат и порача дека САД „немаат никаква врска“ со тоа прашање.
