Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека САД очекуваат воената операција во Иран да заврши во рок од неколку недели, додавајќи дека целите може да се постигнат и без копнена инвазија. Тој посочи дека Вашингтон е блиску до реализација на планираните цели.
По состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Франција, Рубио нагласи дека евентуално наплаќање за премин на бродови низ Ормуската Теснина би било неприфатливо, во услови кога постојат индикации дека Иран би можел да воведе таков систем.
– Не постои ништо што Русија го прави за Иран што би ја попречило или влијаело на американската воена операција во таа земја – рече Рубио, одговарајќи на прашањето за односите меѓу Москва и Техеран.
Во однос на можноста за копнена операција, тој истакна дека САД можат да ги постигнат своите цели и без распоредување копнени сили, но дека на претседателот Доналд Трамп секогаш ќе му бидат понудени различни опции во зависност од развојот на ситуацијата.
Рубио додаде дека членките на Г7 ја разбираат потребата од обезбедување на пловидбата низ Ормуската Теснина по завршување на конфликтот.
– САД секогаш ја сметаа меѓународната коалиција за протокот како постконфликтна нужност – наведе Рубио.
Според него, Вашингтон е подготвен да биде дел од таква коалиција и ги охрабрил и другите земји да се приклучат.
