САД се подготвени да помогнат за брзо постигнување мировен договор меѓу Москва и Киев, но нема да губат време на процеси што не даваат резултати. Американскиот државен секретар Марко Рубио алармираше дека судирот е влезен во опасна фаза и предупреди дека ескалацијата на нападите врз економските цели може лесно да ја прелие војната врз соседните членки на НАТО.

За време на посетата на Португалија, Рубио порача дека Вашингтон сака да види „трајно, одржливо и праведно решение“. Тој откри дека дипломатските напори на администрацијата на претседателот Доналд Трамп се интензивираат и дека веќе овој викенд во САД пристигнува украинска преговарачка делегација.

„Оваа војна мора да заврши со договор – колку побрзо, толку подобро. САД се подготвени да го олеснат тоа, но исто така нема да инвестираме во бесмислени процеси ако не можеме да постигнеме реален напредок“, истакна Рубио.

Предупредувањето на шефот на американската дипломатија доаѓа во момент кога војната добива нова димензија со зачестени напади со беспилотни летала врз клучна економска инфраструктура. На мета на двете страни сè почесто се рафинерии, енергетски постројки, пристаништа, нафтени танкери, па дури и центри за податоци.

Според Рубио, овие напади носат сериозен ризик од саботажи во соседните земји кои се дел од Северноатлантската алијанса, што брзо би можело да ја претвори војната во многу поширок и поопасен регионален конфликт.