Руските власти ги обвинија САД дека го „тестираат трпението” на Северна Кореја, откако Пјонгјанг утринава истрела интерконтинентална балистичка ракета што падна во водите крај Јапонија, пренесе Бета.
Москва останува верна на дипломатско решение за спорот на Корејскиот полуостров, додека САД и нивните сојузници во регионот претпочитаат поинаков пат, како да го тестираат трпението на Пјонгјанг. Со загриженост ја следиме ситуацијата, изјави рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
Американската потпретседателка Камала Харис денеска во Бангкок ќе разговара со лидерите на Јапонија, Јужна Кореја, Австралија, Нов Зеланд и Канада за лансирањето на севернокорејската ракета.
Средбата ќе се одржи на маргините на самитот на лидерите на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК).
САД, Јужна Кореја и Јапонија ги интензивираа своите заеднички воени маневри во последниве месеци наспроти заканите од Северна Кореја, која на вежбите гледа како на генерална проба за инвазија на нејзина територија или смена на власта.