Русија не може да го прифати колективниот одговор на членките на НАТО за почитување на безбедносните принципи и чека детална реакција од секоја земја до која е испратено писмото, наведе руското Министерство за надворешни работи со соопштение на својата Интернет страница.
На 10 февруари, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и европскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел ни го испратија она што го презентираа како одговор на писмото на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на 28 јануари, за спроведување на принципот на еднаква и неделива безбедност од страна на западните земји. Во пристигнатите документи нема конкретна реакција на директно поставеното прашање. Наместо тоа, ни се предлага да влеземе во дијалог за зајакнување на безбедноста, се наведува во соопштението на портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.
Таа во реакцијата потсетува дека писмото од шефот на руската дипломатија е испратено до министрите за надворешни работи на 37 земји во Европа и Северна Америка. Во него посебно беше нагласено дека Москва очекува детален одговор од секоја држава.
Затоа, не можеме да прифатиме колективен одговор, што потсетува на колективната одговорност. Очекуваме детална реакција на прашањето што го поставивме од секој примател, се наведува во соопштението.
Захарова посочува дека руската страна не им се обратила лично на Столтенберг и Борел.
Под документите на ОБСЕ и Русија-НАТО, што го утврдуваат принципот на неделивост на безбедноста, се наоѓаат потписите на шефовите на држави и влади на соодветните земји. Во ОБСЕ, државите учествуваат секоја за себе и на тој начин се обврзаа да не ја зајакнуваат својата безбедност на сметка на безбедноста на другите, додава таа во реакцијата.