Русија и Украина денеска извршија размена на вкупно 314 заробеници, договорувајќи се за „трампа“ на по 157 лица од двете страни. Иако борбите на терен продолжуваат со исто темпо, операцијата беше реализирана како строго логистичка и хуманитарна мерка.
Размената е спроведена под покровителство на Обединетите Арапски Емирати и Турција, кои во текот на конфликтот се наметнаа како главни посредници за вакви договори. Меѓу ослободените има и војници со тешки повреди, кои по враќањето се сместени на болничко лекување во своите земји.
„Ова е резултат на макотрпни преговори и потврда дека дијалогот е можен дури и во најтешките околности. Продолжуваме да работиме додека и последното заробено лице не се врати дома,“ соопштија од преговарачкиот тим.
И покрај договорот, размената не се толкува како чекор кон деескалација, туку како привремено расчистување на списоците со заробеници. Воените дејствија, според достапните информации, не покажуваат знаци на запирање.
Операцијата се случува во период кога меѓународната заедница врши засилен притисок врз двете страни за почитување на меѓународното хуманитарно право и Женевските конвенции, особено во третманот на воените заробеници.
